Левица потсетува дека помина цел месец откако партијата ја алармирала јавноста за тендерот склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи, предводено од Панче Тошковски и фирмата „Дон Холдинг“ – компанија која во минатото беше мета на жестоки прес-конференции токму од ВМРО-ДПМНЕ. Според Левица, истата таа партија тогаш го повикуваше Обвинителството да отвори истрага поради сомнежи за криминални зделки и блиски врски со поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ.
„Еден месец Тошковски, МВР и ДПМНЕ молчат зошто наместо МВР под раководство на Тошковски да ги истражи скандалозно доделените тендери од СДСМ на оваа компанија – сега неговото министерство повторно ги склучува истите сомнителни тендери со „Дон Холдинг” во висина од 500.000 евра.
Тошковски молчи и за скандалозниот тендер за кој обелоденивме пред два дена, а кој се однесува на договор вреден 18.821.466 денари, склучен со битолска компанија ММ ПАК ЕЛПЕНИК ДООЕЛ – компанија со блокирани сметки.
Оваа компанија со пет вработени треба да ги опреми одморалиштата на МВР со спален и кујнски инвентар. Како што истакнавме и претходно, цените на артиклите предвидени за набавка се астрономски, односно наместо да се пониски како набавка на големо – МВР од народниот буџет ќе плаќа неколкукратно повисоки цени дури и од она што граѓаните во можат да го најдат и купат од рафтовите во продавниците“, стои во партиското соопштение.
Партијата на Димитар Апасиев обвинува дека кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се обединат со исти компании обвинувани за криминал, како што е случајот со „Дон Холдинг“ – тоа е јасен показател дека нема разлика помеѓу лукративните интереси и расипничкото работење на овие две партии.
-Воедно, го советуваме Тошковски да ги извади розовите наочари и да престане со смешното мантрање на зборот „реформи“ бидејќи реформите се незабеележливи ниту во однос на тендерите, а не пак на терен, стои во ставот на Левица.