Стојанче Ангелов информира дека денеска во 10 часот во просториите на ЦУК ја предал функцијата на новиот директор Мухамед Аљи кој на оваа позиција доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување. Ова следува откако Ангелов најави дека ќе биде нов в.д. директор на ДЗС.
„Верувам дека за него ќе биде тешко да го следи моето работно темпо, но исто така верувам дека е подготвен да даде се од себе за побргу да навлезе во спецификите на менаџментот со кризи“, кажа Ангелов.
За заменик директор на ЦУК е именуван Трајче Јовановски кој работи во ЦУК од 2008 година, моментално е на позицијата Помошник раководител на Сектор за аналитика, процени и стратешко планирање. Ангелов им го честиташе изборот и на двајцата и им посака добро здравје и успешна работа.
Аљи доаѓа на чело на ЦУК како кадар на ВЛЕН.
Ангелов најави дека ќе работи на обединување на двете институции – ЦУК и ДЗС – во еден современ и функционален систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе биде целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО. Ова, како што вели, е дел од стратешките заложби на Владата.
Тој посочи дека ДЗС се соочува со сериозни предизвици – недостаток на пилоти, проблеми со сервисирање на ер тракторите, немање договори со тимови за брз одговор, како и недоволен број обучени инспектори и специјалисти за неексплодирани средства, а дел од опремата и кадрите не се соодветно распределени.