Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со дел од нејзиниот тим повторно излезе на терен за да „лови“ дивоградби во општина Чаир. Таа повторно снимаше во живо на официјалниот нејзин профил на Фејсбук.
На видеото, Арсовска информира дека само општината со која раководи градоначалникот Висар Ганиу, прави вакви легализации. Децидна е дека нема тука никаква политика и рече дека ниту една друга скопска општина не легализира дивоградби на ваков начин. Таа порача дека го чека Ганиу да се појави бидејќи направил фалсификат на документација со која овозмжил легализација спротивна на закон.
-Од Град Скопје ти е вратено дека оваа дивоградба си ја правел изминатата година, а не во 2011. 150 вакви објекти сме ти откриле и сме ти вратиле. Ниту една дивоградба нема да ти помине, а тие што си успеал со фалсификат да ги внесеш, сега една по една ќе ги вадиме. Дојди тука ако си маж и закани се во лице. Не се заканувал оддалеку. Дојди си, вели градоначалничката.
Како што вели Арсовска, зградата е изградена на државно земјиште за кое Ганиу направил фалсификат и си легализирал и си впишувал во Катастар.
-Не се спиело 3 години. 150 дивоградби сме му спречиле на Ганиу. Затоа му ги палат колите по градот оти за тоа што земал пари, не може да го ефектуира. Спречени се 150 легализации. Ниту една општина не прави вакво нешто туку само Висар Ганиу. Не не терај да ти доаѓаме на тебе во општина, рече меѓу другото градоначалничката.