Од солунската болница „Папаниколау“ вчера беше отпуштена и последната од тројцата млади пациенти повредени во трагичниот пожар во Кочани. Таа заедно со уште две лица беше хоспитализирана на 16 март, само неколку часа по несреќата во дискотеката. Тројцата пациенти на возраст од 19, 25 и 26 години претрпеа тешки изгореници и првично беа згрижени на Одделот за изгореници, со поддршка од интензивна нега, по што следеше опоравување на Клиниката за пластична и рачна хирургија.
Првата пациентка беше пуштена на 11 април, вториот пред две недели, а последната синоќа ја напушти болницата. Од болницата соопштија дека нивната состојба стабилно се подобрувала, благодарение на трудот и знаењето на медицинскиот персонал.
– Последниот отпуст беше во емоционална атмосфера, означувајќи го почетокот на враќањето во нормалниот живот, соопшти „Папаниколау“, изразувајќи благодарност до грчките и македонските институции за соработката.
Од вкупно 12 пациенти хоспитализирани во Грција по пожарот, во моментов во атинска болница остануваат уште две лица – момче и девојка – кои не се во животна опасност и наскоро се очекува и тие да се вратат дома.