Министрите на израелската влада ги предупредија клучните европски земји дека едностраното признавање на палестинска држава може да ги натера Израел да преземе сопствени еднострани мерки, вклучително и анексија на делови од Западниот Брег, објави „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, лично им пренел на францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами дека Израел може да одговори на признавањето на Палестина со анексија на Зоната Ц од Западниот Брег и легализирање на населбите што моментално се нелегални, пренесува „Хаарец“ според дипломатски извори.
Министерот за надворешни работи Гидеон Саар исто така им испратил слична порака на своите колеги од Обединетото Кралство, Франција и други европски земји, предупредувајќи дека секој потег против Израел ќе биде следен со проширување на израелскиот суверенитет врз населбите на Западниот Брег и делови од долината на Јордан. „Едностраните потези против Израел ќе бидат одговорени со еднострани мерки од Израел“, рекол Саар.
Оваа серија предупредувања доаѓа во пресрет на француско-саудискиот самит што ќе се одржи следниот месец во Њујорк, каде францускиот претседател Емануел Макрон се очекува да предложи координирано признавање на палестинската држава од страна на европските земји.
Иако Соединетите Американски Држави најавија дека нема да учествуваат во ова, некои европски земји, како Германија, Унгарија и Чешка, се против едностраното признавање. Други, како Шпанија — која веќе ја призна Палестина минатата година — и Малта, најавуваат дека ќе го сторат тоа наскоро. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека признавањето на палестинска држава ќе биде „голема награда за тероризмот“, повикувајќи се на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Во меѓувреме, во Европа расте незадоволството од израелските воени операции во Појасот Газа. Шведска, на пример, го повика израелскиот амбасадор на разговор како знак на протест поради одбивањето Израел да овозможи слободен пристап на хуманитарна помош за Газа.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека неговата земја не ја поддржува сегашната политика на Израел кон Газа и најави дека поддржува преиспитување на договорот за асоцијација меѓу Европската Унија и Израел, поради сомневања дали Израел ги почитува човековите права.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, го промени тонот и ги критикуваше масовните воздушни напади на Газа, велејќи дека тие веќе не можат да се оправдаат со борбата против тероризмот.
„Веќе не можам да најдам оправдување за овие напади“, рече Мерц на прес-конференција во Финска.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, го осуди проширувањето на израелските воени операции во Газа, посочувајќи дека употребата на сила против цивилното население е неприфатлива и спротивна на меѓународното право.
Од почетокот на март, Израел ја блокираше хуманитарната помош кон Појасот Газа, што предизвика сериозен недостиг од храна и лекови. Иако минатата недела делумно ја укина блокадата, израелските воени операции и понатаму го отежнуваат доставувањето на помошта до загрозените цивили.