Две третини мнозинство и нови безбедносни мерки околу Собранието се приоритетите на Гаши

од Марта Пешевска
18 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека е можно да се прошири на над 70 пратеници, што би значело поддршка од околу две третини во парламентот. Како што рече, целта е да се обедини што поголем број пратеници околу искрената заложба за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Гаши најави дека Собранието ќе го ратификува договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, кој предвидува инвестиции од шест милијарди евра преку конкретни проекти, и додаде дека оваа година ќе биде успешна и значајна за сите граѓани. Во однос на уставните измени, потенцираше дека е потребна предвидливост и поддршка од меѓународната заедница за да се избегне нова блокада на евроинтеграциите.

Гаши најави и нов закон за прогласување на безбедносна зона околу зградата на Собранието, со што би се овозможило откуп на околното земјиште и создавање на сопствен двор и паркинг за институцијата. Не прецизираше колку средства ќе бидат потребни за оваа намена.

Тој исто така истакна дека е во подготовка и законот за правична застапеност.

Како негов главен приоритет во изминатата година, Гаши го наведе подобрувањето на законодавната функција, редовното одржување на седници, спречувањето на злоупотребата на ЕУ-знамето и градењето конструктивен дијалог меѓу пратениците.

„Собранието како дом за сите не е само слоган, туку реална цел“, заклучи Гаши.

Целосниот извештај за работата на Собранието е достапен на неговата официјална веб-страница.

Слични содржини