Уставниот суд на Босна и Херцеговина во четврток донесе одлука со која ги поништи сите закони што претходно оваа година беа усвоени од Народното собрание на Република Српска (РС), оценувајќи ги како неуставни. Овие закони беа обид на ентитетот да ги ограничи овластувањата на државните судови, обвинителства и безбедносни агенции на ниво на цела БиХ.
Со ваквите законски измени, РС реагираше на пресудата со која нејзиниот лидер Милорад Додик беше осуден на една година затвор поради игнорирање на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница. Притоа му беше изречена и забрана за политичко делување во траење од шест години.
Законот што беше донесен од РС предвидуваше забрана за дејствување на Судот и Обвинителството на БиХ на територијата на овој ентитет, а имаше за цел и да ја спречи работата на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет (ВСО) на државно ниво.
Уставниот суд на БиХ пресече дека Народното собрание на РС нема уставно право да донесува вакви одлуки бидејќи тие се однесуваат на институции воспоставени со закони на државно ниво. Само Парламентот на Босна и Херцеговина има овластување да го уредува нивниот статус и работа.
Судот со оваа одлука испрати јасна порака дека ниеден ентитет не може еднострано да презема надлежности од државата. Со тоа се спречува обидите на Додик и властите во РС еднострано да го доведат во прашање функционирањето на државните институции, како што веќе најавуваа, вклучително и иницијативата полицијата на РС да ја преземе контролата врз државната граница, која е во надлежност на Граничната полиција на БиХ.
„Уставниот суд нагласува дека едностраните дејствија од страна на еден ентитет не можат да ја променат надлежноста таму каде што веќе е воспоставена државна контрола“, стои во соопштението на Судот.
Покрај овие закони, Судот ги поништи и измените на Кривичниот законик на РС, со кои се предвидуваа казни за секој што нема да ги почитува или спроведува одлуките на ентитетските власти.
Прогласен за неуставен беше и законот за таканаречениот „посебен регистар“ на невладини организации, кој беше инспириран од рускиот модел и имаше за цел строга контрола врз НВО-секторот. Според него, сите организации кои примаат донации од странство ќе беа означени како „агенти на странско влијание“ и би им се забраниле активности што можат да се сметаат за политички.
Со оваа одлука, Уставниот суд ги заштити уставниот поредок и институционалната структура на БиХ, праќајќи порака дека ентитетите не можат да се однесуваат како држави во држава.