Снежана Калеска-Ванчева, поранешна пратеничка во Собранието, во емисијата „Вин-Вин“ остро предупреди дека одлагањето на измените во изборното законодавство може сериозно да им наштети на демократските процеси. Таа нагласи дека препораките од ОБСЕ/ОДИХР мора итно да се спроведат, додека целосната изработка на нов изборен законик е долг и сложен процес кој бара широка политичка согласност, што во моментов не е можно.
„Нема логика да се чека и одложува, тоа само штети. Новиот изборен законик е сосема поинаква приказна и бара време и вистински политички консензус. Но, сега е неопходно да ги спроведеме конкретните препораки од ОБСЕ/ОДИХР, бидејќи јавноста тоа го препознава како нужност“, рече Калеска-Ванчева. Таа истакна дека овие промени не смеат да се третираат како партиски прашања, туку како обврска за зачувување на правната сигурност и фер избори.
Експертот за изборно законодавство, Александар Новакоски, додаде дека текстот со потребните измени веќе е изработен од работни групи, но дека главниот проблем е недостатокот на политичка волја. „Сè што недостасува е волја од министерството за правда и од политичките партии. Текстот е подготвен, но не беше донесен поради политички пречки“, рече Новакоски.