Инвеститорите со ултиматум: Маск мора да работи 40 часа неделно во „Tesla“

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Дванаесет големи пензиски фондови, кои заедно управуваат со средства вредни 950 милијарди долари, испратија отворено писмо до извршниот директор на „Tesla“, Илон Маск, барајќи да се посвети на својата работа и да поминува најмалку 40 часа неделно работејќи за компанијата.

Во писмото се изразува загриженост за „нестабилноста на цената на акциите на „Tesla“, намалувањето на продажбата, вознемирувачките извештаи за кршење на човековите права и влошувањето на угледот на компанијата низ целиот свет“. Инвеститорите тврдат дека обврските на Маск во други компании го одвлекуваат вниманието од неговиот фокус на „Tesla“ и го обвинуваат одборот на директори дека „дејствува незаинтересирано и неспособно да ги заштити интересите на сите акционери со тоа што не бара целосна посветеност на Маск на „Tesla“.

Фондовите бараат идните договори за компензација за Маск јасно да вклучуваат минимална обврска од 40 часа неделно.

Акциите на „Tesla“ паднаа за повеќе од 24% од нивниот врв во декември 2024 година, пред Маск да почне да игра истакната и контроверзна улога во администрацијата на Доналд Трамп и пред да се појават гласини дека компанијата размислува да го отпушти. Маск подоцна призна дека неговите политички активности негативно влијаеле врз „Tesla“ и на почетокот на мај објави дека ќе се повлече од политиката. На Економскиот форум во Катар на 20 мај, тој рече дека планира да остане на чело на „Tesla“ најмалку уште пет години – „освен ако не умрe“.

Покрај „Tesla“, Маск раководи и со SpaceX, работи како технички директор на X Corp. (порано Twitter) и е претседател на Фондацијата Маск, која ја води заедно со својот брат Кимбал. Во првите месеци од вториот мандат на Трамп, Маск дури се пресели во Белата куќа, каде што даваше дневни совети како раководител на новоформираниот Оддел за владина ефикасност, DOGE – именуван по популарната мем криптовалута што Маск често ја споменува.

Покрај неговите бројни улоги, Маск е познат и по тоа што голем дел од своето време го поминува објавувајќи содржини на мрежата X, која ја купи во 2022 година.

Покрај барањето Маск да биде повеќе вклучен во Tesla, инвеститорите во писмото побараа и што е можно поскоро да се развие план за наследување, вклучувајќи план за вонредни ситуации, и да се постават ограничувања на бројот на одбори во кои членовите на одборот на Tesla можат да служат, пишува Quartz.

Во писмото се критикува и самиот одбор: „Загриженоста за лошото корпоративно управување во Tesla расте, особено откако компанијата усвои амандман на статутот што дополнително ја ограничува можноста на акционерите да ги сметаат директорите за одговорни за прекршување на фидуцијарната должност.“

Иако станува збор за моќни потписници – вклучувајќи ја Американската федерација на наставници, државните финансии на Орегон и Илиноис и Контролорот на Њујорк – тие заедно поседуваат само 7,9 милиони акции на Tesla, што претставува само 0,25% од компанијата.

Слични содржини