Јаневска со порака до испитувачите и матурантите: Да се почитува процесот, матурата не е непремостлива пречка

од Марта Пешевска
17 прегледи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, упати јасна порака денеска, еден ден пред почетокот на државната матура: испитувачите да ја спроведат својата работа одговорно, а учениците да не прибегнуваат кон препишување.

„Очекувам тестаторите совесно да го извршат својот дел од задачата – во интерес на учениците и на државата. Законот е заострен и ќе се спроведува доследно, без исклучоци“, истакна министерката при денешната посета на Градежниот факултет во Скопје.

Таа им се обрати и на учениците, потсетувајќи дека државната матура е составен дел од нивното образование, и дека не треба да се доживува како закана.

„Ги повикувам учениците да се однесуваат одговорно и да не се обидуваат да го надмудрат системот со креативни начини на препишување. Тоа не е во нивна корист, ниту во интерес на нивните родители, ниту на државата. Матурата е само еден чекор на патот до повисокото образование или кариера“, рече Јаневска.

Таа увери дека сите подготовки се завршени и оти испитот ќе се спроведе без потешкотии, доколку сите чинители ги исполнат своите обврски.

За првиот екстерен испит, кој ќе се одржи утре, пријавени се вкупно 15.000 ученици – од кои 9969 ќе полагаат македонски јазик, 4339 албански, 292 турски, а 10 ученици српски јазик.

Вториот екстерен испит, кој учениците го избираат според сопствен интерес, е закажан за 11 јуни.

Слични содржини