Ридигер го предизвика гневот на судијата, но Нагелсман му дава шанса за искупување

од Марта Пешевска
19 прегледи

Германската фудбалска репрезентација во петокот се собра за да ги започне подготовките за финалето на Лигата на нации. Меѓу присутните не беше дефанзивецот Антонио Ридигер (32), кој сè уште се опоравува од операција на коленото и не е целосно подготвен за настап. Иако неговото отсуство е поради медицински причини, Ридигер последните денови е во центарот на вниманието поради инцидентот што се случи за време на натпреварот Ел Класико. По замената и упатувањето на клупата, играчот на Реал Мадрид го изгуби трпението – фрли предмет на теренот, вербално го нападна судијата и доби директен црвен картон.

Во јавноста првично се шпекулираше дека тој фрлил коцка мраз, но Ридигер подоцна демантираше: „Не фрлив мраз. Грешев, да, 100 проценти. Но, не беше мраз, туку селотејп“. Ова не е првпат Ридигер да ја изгуби контролата, а неговиот тренер Јулијан Нагелсман откри дека разговарал со него за инцидентот. Во интервју за „Билд“, Нагелсман изјави: „Секако дека разговаравме многу пати. Тој знае што мислам – дека тоа беше погрешно и несоодветно однесување. Достигна лимит и е свесен за тоа. Јас му го кажав тоа, а тој го призна.“

Тренерот испрати јасна порака: ваквото однесување нема да се толерира повеќе. „Тој рече двапати дека тоа беше грешка. Тоа не е спорно. Знае дека тоа не смее да се повтори, а во спротивно ќе има посериозни последици. Бевме многу отворени со него за тоа“. И покрај сето тоа, Нагелсман не ја затвора вратата за Ридигер. „Важно е да им се даде шанса на луѓето да прават грешки. Ако се извинат, треба да им се даде можност да се подобрат. Ридигер сега е во таа фаза – искупување. Тоа е зад нас, сега гледаме напред и очекуваме подобро однесување во иднина.“

Германската репрезентација се подготвува за големото финале, а вниманието на јавноста сега е насочено кон однесувањето и формата на нивниот искусен играч.