Откако премиерот Христијан Мицкоски упати јавен повик до опозицијата за национално единство и заедничко лобирање со резолуцијата на Европскиот парламент за поддршка на македонскиот јазик и идентитет, Софија повлече потег. Бугарскиот парламент усвои резолуција со која ги повикува властите во Македонија да ги спроведат преземените обврски. „За“ гласаа 194 гласови, немаше против и воздржани. Софија не прифаќа креативни решенија – во документот се нагласува дека се неприфатливи какви било обиди во рамки ЕУ за повторно преговарање или заобиколување на веќе постигнатите договори. Бугарското собрание ги повикува и институциите на ЕУ да продолжат со своите напори за гарантирање на правата на Бугарите во Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство и јазик. „Разговарав со Антонијо Кошта, со други колеги, со Менфред Вебер, со колегите од Европската народна партија. Ние имаме договор за добрососедство, т.н. француски предлог и инсистираме сите да го почитуваат договорот, провокациите не се во ничиј интерес“, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
И додека Софија носи нови резолуции, Скопје лобира во Брисел за резолуцијата на Европскиот парламент за поддршка на македонскиот јазик и идентитет. Власта повторно повика да се дејствува со заеднички сили, по што лидерот на опозицијата, Венко Филипче потврди дека побарал поддршка од сестринските европски партии и добил позитивен одговор. Се надева дека ова не е само уште една црвена линија, туку дека ќе се откочи процесот за уставните измени. Сличен став дојде и од ЛДП.

Александар Ристевски
Дел од јавноста смета дека официјална Софија со резолуцијата го прави токму она што се очекува од неа – ни дава алиби дека непопустливиот став околу барањето на гаранции и определување на црвени линии е исправно и знак дека Македонија ги направила сите можни отстапки, и дека е доведена до ѕид, со загрозени права како држава, пред се на конститутивниот македонски народ. Ваков е ставот на политичкиот аналитичар Александар Ристевски.
Според него, Бугарија само потврдува дека ЕУ ќе мора да се реформира и консензуалните одлучувања ќе мора да се заменат со друг формат.
-Затоа што праксата покажа дека одредени земји тераа одредени свои ахенди преку уцени и неразумни барања, посочува соговорникот.
Запрашан дали извештајот на ЕП со „македонски јазик и идентитет“ е чекор кон уставни измени односно една од гаранциите за Владата, Ристевски потврдува дека тоа е чекор напред и воедно доста битен.
-Сепак уште побитен е условот кој премиерот Мицкоски го бара. Почитување на барем дел од одлуките на Европскиот суд за човекови права, поврзан со правата на Македонците во Бугарија. Тоа како чин на добра волја, официјална Софија може да го спроведе. Секако, доколку сака и доколку вистински го поддржува нашиот интегративен процес, оценува аналитичарот.

Георг Георгиев
Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, вчера рече дека за Македонија нема план „Б“ на патот кон ЕУ, туку е во исполнувањето на одредбите од преговарачката рамка. Георгиев по седницата на бугарското Собрание, кога се усвои новата резолуција за спорот со Македонија, не спомена нови услови како во една негова преходна изјава.
Бугарија, како што посочи, „нема да престане да повторува дека почитувањето на европските барања е она што е потребно за да се постигне напредок и дека критериумите за членство утврдени во консензусот од 2022 година меѓу ЕУ и сите нејзини земји-членки од една страна и Македонија мора да бидат исполнети за да може земјата да продолжи напред во својот процес на европска интеграција“.
-Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него- рече шефот на бугарската дипломатија.
Н.П.