95 години талент и харизма: Клинт Иствуд што продолжува да инспирира

од Марта Пешевска
94 прегледи

Актерот и режисер Клинт Иствуд денес слави 95 години. И покрај тоа што ретко се појавува пред јавноста, минатата година го објави својот најнов филм „Поротник број два“, што покажа дека и на оваа возраст останува активен и посветен на својата работа. Клинт Иствуд е една од најзначајните фигури во светското кино, со кариера која трае повеќе од шест децении. Роден во 1930 година во Сан Франциско, пред да стане познат актер, работел како спасител, пожарникар и дури во американската армија, каде што бил инструктор по пливање.

Неговиот прв вистински пробив во светот на глумата беше телевизиската серија „Rawhide“ во 1960-тите, а потоа стана светска ѕвезда благодарение на култните шпагети вестерни во режија на Серџо Леоне, каде што го играше „Човекот без име“. Во 1970-тите и 1980-тите стана препознатлив и по улогата на инспекторот Хари Калахан во филмот „Валканиот Хари“.

Паралелно со глумата, Иствуд го разви својот режисерски талент, со филмови како „Непростеното“ и „Бебе од милион долари“, кои му донесоа Оскари за најдобар режисер и најдобар филм. Неговиот опус вклучува и други големи дела како „Мостовите на округот Медисон“, „Мистична река“ и „Гран Торино“. И покрај тоа што планираше да режира римејк на „Ѕвезда е родена“ со Бијонсе, тој се повлече од проектот поради креативни разлики.

Личниот живот на Иствуд бил исполнет со бројни врски и афери. Бил во два брака и има осум деца од шест различни жени. Иако долго време не знаеше за првата ќерка која беше дадена на посвојување, денес има големо семејство кое го збогатува неговиот живот.

Денес, Иствуд живее мирно на својот ранч во Кармел, Калифорнија, каде што некогаш беше и градоначалник. Сега е во врска со Кристина Сандер, која е 33 години помлада од него, а тие живеат мирно и хармонично. И покрај неговата возраст, тој и понатаму работи и го докажува својот неизбежен талент, како што покажа и со последниот филм. Клинт Иствуд е жив доказ дека талентот и страста не познаваат возраст.