Инспекторатот за јазици ќе премине под правда поради доцнење на платите

од desk4
44 прегледи

Владата донесе одлука Инспекторатот за употреба на јазиците да премине под надлежност на Министерството за правда, со цел да се овозможи редовна исплата на платите на вработените, кои веќе пет месеци не добиваат личен доход.

Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски по одржана средба со првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, директорот на Инспекторатот, Арсим Идризи, и дел од вработените.

Според Мицкоски, се работи на усогласување на Законот за Инспекторатот со Законот за организација и работа на органите на државната управа, што веќе се наоѓа во собраниска процедура. Со оваа законска промена ќе се овозможи институцијата да функционира нормално и вработените да примаат редовна плата.

„Очекуваме сите политички партии во Собранието да покажат одговорност и да не го блокираат донесувањето на законот, имајќи предвид дека станува збор за прашање кое директно ја засега егзистенцијата на многу семејства“, изјави премиерот.

Дополнително, ќе се формира работна група која ќе работи на целосна реорганизација на Инспекторатот и на прецизирање на неговите надлежности, со цел институционално јакнење и ефикасност.