Кинеските власти изјавија дека „категорично ги отфрлаат“ обвинувањата од САД дека го прекршиле меѓудржавниот договор постигнат во мај за намалување на катастрофалните тарифи, објави АФП.
Двете земји постигнаа договор во мај за привремено суспендирање на ескалацијата на трговската војна што ги зголеми тарифите за американските производи во Кина на 125 проценти и за кинеските производи во САД на 145 проценти.
По дводневни состаноци, Вашингтон и Пекинг се согласија да ги намалат своите тарифи на 30 проценти и 10 проценти за 90 дена, соодветно, ветувајќи дека ќе продолжат со разговорите за трговски договор.
Министерот за трговија на САД, Хауард Лутник, во неделата го обвини Пекинг за „забавување на спроведувањето на договорот“.
Вашингтон „изнесе лажни обвинувања и неразумно ја обвини Кина за кршење на консензусот, што е целосно спротивно на фактите“, соопшти денес кинеското Министерство за трговија, додавајќи дека „Пекинг категорично ги отфрла овие неразумни обвинувања“.
Министерството потврди дека „покажало цврста волја да ги заштити своите права и интереси, како и искреност во спроведувањето на консензусот“. Вашингтон „последователно воведе низа дискриминаторски рестриктивни мерки против Кина“, додаде министерството, наведувајќи ја контролата на извозот на чипови за вештачка интелигенција и откажувањето на визите за кинеските студенти во Соединетите Држави.
„Ги повикуваме Соединетите Држави да најдат заедничка основа со Кина, веднаш да ги исправат своите, за осуда, постапки и заеднички да го почитуваат консензусот постигнат во трговските преговори“, се вели во соопштението, додавајќи дека во спротивно Кина решително ќе продолжи да „презема силни мерки за да ги брани своите легитимни права и интереси“.