Скопје се поврза со три турски градови преку авиокомпанијата „Ajet“

од Nikola Popovski
68 прегледи

Меѓународниот Аеродром Скопје од 1 јуни се поврза со уште 3 градови во Турција. Авиокомпанијата AJet изминатиов викенд почна да лета до Анкара, Чукурова, Дијарбакир – три нови дестинации за одмор.

Сезонските летови од Скопје до Анкара и до Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека летовите на AJet до аеродромот Чукурова два пати во неделата, а до сите три дестинации ќе се лета од 1 јуни до крајот на септември оваа година.

„Директното поврзување на Меѓународниот Аеродром Скопје со трите нови дестинации во Турција е од голема важност од повеќе аспекти, затоа што секоја област носи свои бенефити. Спојот на двата главни града, Скопје и Анкара, ќе придонесе за зголемена трговска размена, брза бизнис логистика меѓу Македонија и Турција, лесен пристап до турскиот пазар, бизнис-мобилност, туристичка и културна размена, образовна и академска соработка, поврзување на заедниците, а ќе придонесе и за дополнително унапредување на политичките и дипломатските односи“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.