Пукал пред деца и ранил куче – условна казна за неготинецот што ги згрозил сите

од Марта Пешевска
26 прегледи

Неготинецот кој пукал и го ранил кучето на отворено место, каде имало многу деца и возрасни, доби условна осуда и парична казна од 400 евра. Инцидентот се случи на 7 мај во познато туристичко место покрај рибник, каде безгрижно играле деца и се релаксирале возрасни. Осудениот Д.Ј. пукал со пневматска пушка во кучето на А.М.К., предизвикувајќи му непотребна болка и страдање.

За кривичното дело „Предизвикување општа опасност“, судот му изрече условна казна затвор од три месеци, која нема да ја издржи доколку во рок од една година не направи ново кривично дело. За „Убивање и мачење животни“ му е изречена парична казна од 400 евра, која треба да ја плати во рок од 15 дена. Пневматската пушка што ја користел обвинетиот е привремено одземена, бидејќи постои ризик дека може повторно да биде употребена за слични дела.

Судот оцени дека со изречените казни се постигнуваат целите на казнувањето и превенција, со што се надева дека обвинетиот ќе се воздржи од повторување на вакви дела. Во Македонија овие случаи не се реткост, бидејќи воздушните пушки се лесно достапни и често се злоупотребуваат за насилство врз животни и понекогаш дури и врз луѓе. Здруженијата за заштита на животните постојано апелираат за поостри мерки и поголема контрола за да се спречи ваквото насилство.

Обвинетиот има право да поднесе приговор на пресудата во рок од 8 дена. Овој случај повторно ја отвори јавната дебата за регулацијата и санкциите за злоупотреба на воздушни пушки во земјава.

Слични содржини