Во Скопје вечерва беше официјално промовиран Централниот изборен штаб на политичката платформа ВЛЕН, како дел од подготовките за претстојните локални избори кои ќе се одржат во октомври. За шеф на штабот е назначен пратеникот Аднан Азизи.
„Со формирањето на овој штаб ја зацврстуваме нашата посветеност кон заедничкиот настап на локалните избори. ВЛЕН се консолидира како единствен субјект кој ќе настапи со обединети сили“, изјави Зеќирија Ибраими, претседател на партијата Алтернатива, една од носечките членки на коалицијата ВЛЕН.
На новинарско прашање за тоа кога ВЛЕН ќе се трансформира во официјална политичка партија, Ибраими појасни дека за тоа веќе се воделе разговори, но дека процесот содржи и правни и политички аспекти.
„Тоа е повеќе техничко прашање. Важно е што веќе функционираме како обединета структура“, нагласи Ибраими.
Во врска со прашањето кој е лидерот на ВЛЕН, тој одговори дека тоа сè уште не е формално одлучено.
„Личните имиња се помалку важни. Фокусот треба да биде на ВЛЕН како платформа која ја претставува волјата на граѓаните“, додаде Ибраими пред почетокот на настанот што се одржа во просториите на Филхармонијата.
Со овој чекор, ВЛЕН ги забрзува активностите на терен и ги координира подготовките за есенскиот изборен натпревар.