Арсовска: Утрово ми јавија дека сковале план да го дестабилизираат Скопје – ќе почнат со ЈСП и Комунална хигиена

од Nikola Popovski
287 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска продолжи со критиките кон централната власт односно премиерот и министрите, но и предупреди за можна „дестабилизација“ во главниот град и работата на јавните претпријатија. Таа утрово објави фотографија на која може да се видат премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно сликани со вицепремиерот Изет Меџити. Арсовска посочи дека им се „дестабилизира милионскиот бизнис“.

„Утрово ми јавија дека сковале план сега да го дестабилизираат Скопје. Ќе почнат со ЈСП, па со Комунална хигиена и ќе креираат хаос за да дефокусираат и да владеат. Ете што ќе се случува од денес. Бизнис коалицијата со Ганиу, Меџити и Адеми, не смее да трпи. На сликава од вчера ѕирка дестабилизираниот елемент“, истакна Арсовска споделувајќи ја фотографијата на која може да се види и министерот Владо Мисајловски и американската амбасадорка Анџела Агелер.

Советниците во Град Скопје вчера не ѝ дадоа можност на градоначалничката да ги образложи наводите за дивоградбите што ги откри на територијата на општина Чаир. Откако се изјаснија дека постојат оправдани причини за свикување на вонредната седница, советниците беа против две точки кои се однесуваат на дивоградбите и активностите кои ги презема градот, да се стават на дневен ред.

Во обраќање од говорницата во градскиот Совет, таа сепак ја искористи можноста да порача: „Јас овде излегувам само да ви кажам зошто барам да се одржи седницата, сакам да ви покажам документи кои градоначалникот Висар Ганиу ги фалсификувал. Тој фалсификувал документи дека Град Скопје дал решение и пресметало комуналии за објект дивоградба. Тоа што не ми дозволувате да се обратам покажува дека се плашите и дека го браните Ганиу“, рече Арсовска.