Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, остро се огласи во врска со проблемот со дивоградбите низ главниот град, обвинувајќи го новиот директор на државното претпријатие НОМАГАС, Мухамед Елмази, за вмешаност во урбан криминал.
Според Арсовска, Елмази, кој до неодамна бил член на Советот на Град Скопје и кадар на ДУИ, сега е префрлен во редовите на ВЛЕН и именуван на висока државна функција. Таа тврди дека токму во времето кога бил дел од локалната власт, бил поврзан со сериозни урбанистички злоупотреби.
„Додека јас барав на седница да се отвори расправа за нелегалните градби во сите десет скопски општини, вклучително и Сарај и Чаир, токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се ваши коалициски партнери, ја повлекоа иницијативата. Очигледно е дека некој се обидува да ги заштити урбаните криминални структури“, порача Арсовска.
Таа додаде дека поседува докази за најмалку 150 дивоградби во општина Чаир, за кои, како што вели, веќе се поднесени известувања до надлежните институции. Според неа, еден од становите од овие објекти е незаконски доделен на висок функционер, кој моментално живее таму.
„Повеќе нема да дозволам урбаната мафија да ги диктира правилата во Скопје. Без оглед дали доаѓаат од ДУИ, ВЛЕН или која било друга партија – ќе ги изнесам сите случаи пред обвинителството“, изјави Арсовска.
Градоначалничката вети дека борбата против нелегалната урбанизација ќе продолжи, и најави дека следниот предмет ќе биде доставен до Јавното обвинителство.