Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека постојат иницијативи за проширување на парламентарното мнозинство, преку разговори со пратеници од редовите на Европскиот фронт. Тој не откри конкретни имиња, но потврди дека се прават обиди за стабилизирање на мнозинството во Собранието.
„Има најави, се работи. Мнозинството ќе се зголеми,“ изјави Меџити, додавајќи дека не исклучува можност за соработка со никого, вклучувајќи го и Мендух Тачи, лидерот на ДПА, иако не ја потврди директно таквата соработка.
Иако некои медиуми претходно објавија дека се водат разговори со Зијадин Села од Алијанса за Албанците, партиски извори од Европскиот фронт тврдат дека тие остануваат дел од својата коалиција и дека не станува збор за никакво преминување.
По заминувањето на Арбен Таравари од владата, се наруши етничкиот баланс познат како Бадентерово мнозинство, што е потребно за усвојување на закони кои се однесуваат на правата на заедниците. Без поддршката од ДУИ, во моментов во Собранието не може да се изгласа Законот за инспекторатот на јазиците.
„Ги повикувам ДУИ и опозицијата да го поддржат законот, за да се овозможи исплата на платите на вработените. Следната фаза ќе биде трансформација на Инспекторатот во рамките на Агенцијата за јазиците, со статус сличен на онаа за храна“, рече Меџити.
Поради ваквата блокада, вработените во Инспекторатот за јазиците веќе пет месеци не добиле плата. Меџити уверува дека се прават напори проблемот да се надмине и институцијата конечно да добие функционален и стабилен статус.