Наумов: „Не треба никој да ни го потврдува македонскиот идентитет – тоа е вкоренето во нашата историја“

од Марта Пешевска
74 прегледи

Се одложи гласањето за резолуцијата за Северна Македонија во Европскиот парламент, што ја отвори дискусијата дали ова е успех или неуспех за нашата земја во првата голема битка за европската иднина. Ова одложување во Комитетот за надворешни работи, според некои, е само почеток на подолга борба што ќе се води во Брисел.

Политичките аналитичари и новинари што учествуваа во емисијата „24 Анализа“ истакнаа различни гледишта за импликациите од оваа одлука.

Александар Ристевски, политички аналитичар, смета дека одлуката да се стопираат уставните промени за признавање на бугарското малцинство само покажува колку тешко ќе биде соработката со бугарската влада во следниот период. „Ниското ниво на дискусијата во европските тела и навредите што ги доживеа Вајц јасно покажуваат какви политики и однесувања можеме да очекуваме од Софија“, изјави Ристевски.

Новинарот Столе Наумов го истакна чувството на несправедливост поради тоа што некој во европските институции треба да го решава прашањето за македонскиот јазик и идентитет. „Не треба никој да ни потврдува дали сме Македонци или не, тоа е нешто што е длабоко вкоренето во нашата историја. Се плашам повеќе од оние што ни ласкаат, отколку од оние што директно нè напаѓаат, бидејќи тие имаат свои цели“, рече Наумов.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Џелал Незири ја гледа оваа ситуација како дипломатска победа. „Северна Македонија успеа да го врати проблемот со Бугарија повторно на европската агенда и доби поддршка од високи претставници на ЕУ, што значи дека ќе има нови преговори. Ова е позитивен знак за понатамошниот пат кон Европската унија“, изјави Незири.

Во меѓувреме, во домашната политика растат прашањата дали ако на 24 јуни Македонија добие зелено светло во Европскиот парламент, тоа ќе значи и дополнителен притисок за отворање на Уставот за признавање на бугарското малцинство, што би можело да го искористи опозицијата предводена од Христијан Мицкоски. Понудата на министерот Венко Филипче да ја заложи својата кариера за да овозможи уставни промени го отвора прашањето дали во позадина се креира нова коалиција помеѓу власта и опозицијата.

Прегрупирањето во албанскиот политички блок исто така може да биде клучен фактор, како потенцијален „тригер“ за нови парламентарни избори, кои би можеле да ја променат политичката карта во земјата. Сите овие настани поставуваат прашање дали една година влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја приближи или оддалечи Македонија од европската интеграција.

Станува јасно дека битката за иднината на Северна Македонија во Европската Унија не е завршена, туку сè уште трае, а резултатите ќе зависат од многу политички фактори и развојот на односите со соседите и ЕУ.