Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информира дека остварила кратка средба со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот. Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова во нејзината објава на социјалните мрежи.
Таа додаде дека ѝ било драго што можела кратко да поразговара со Макрон, кој е домаќин на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3) во Ница.