ФБИ нуди награда од 50.000 долари за информации што ќе помогнат во пронаоѓање и апсење на маж осомничен за насилство за време на протестите во Лос Анџелес. Според ФБИ, осомничениот нападнал федерален службеник и предизвикал материјална штета на владин имот во близина на булеварот Алондра во Парамаунт. Тој, исто така, фрлал камења кон полициски возила, повредил еден полицаец и оштетил службени автомобили околу 15:30 часот во саботата.
„Не можеме да дозволиме насилство кое ја загрозува безбедноста на полицијата и на граѓаните“, рече Акил Дејвис, заменик-директорот на ФБИ во Лос Анџелес.
Фотографијата на осомничениот, објавена од ФБИ, го прикажува мажот со марама преку лицето, носи бејзбол капа и црна маица со натпис „Закатекас“.
Протестите во Лос Анџелес се одржуваат веќе неколку дена, поради рациите и депортациите извршени од федералната агенција за имиграција ICE. Ситуацијата дополнително се влоши откако претседателот Доналд Трамп испрати Националната гарда без согласност од државните власти, што доведе до жестоки реакции од гувернерот Гевин Њусом, кој го нарече тој потег нелегален и најави тужба против федералната администрација.