Москва ја гледа јасната подготвеност на Полска за конфронтација и останува да се види како ќе се развива нејзината надворешна политика под новиот претседател, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Морам да нагласам дека, како нашите белоруски пријатели, и ние постојано забележуваме дека Полска е ориентирана не кон конструктивен дијалог, туку кон конфликт со нашите земји. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата под новиот претседател“, рече Лавров на прес-конференција по средбата со новоназначениот белоруски министер за надворешни работи Максим Риженков, пренесе РИА Новости.
Според официјалните податоци од Полската државна изборна комисија, во вториот круг од изборите одржани на 1 јуни, кандидатот на опозицијата Карол Навроцки победи со 50,89 проценти од гласовите, додека кандидатот на владејачката коалиција, Рафал Чашковски, освои 49,11 проценти.