„Боли, гори, отекува – додека вие се карате, ние страдаме: Храбриот глас на преживеаниот Игор ја откри вистината за повредените од ‘Пулс’“

од Марта Пешевска
2,6K прегледи

Игор Стоименов од Кочани, еден од повредените во трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“, наместо политички обвинувања, ја повикува јавноста и институциите да го насочат вниманието кон реалните потреби на настраданите.

„Секој ден ни е борба. Болка, печење, чешање, отекување – и така во круг. Имаме потреба од лекарска грижа 24 часа, а со еден доктор тоа е невозможно“, вели триесетгодишниот Стоименов, кој претрпел тешки телесни повреди.

Тој апелира дека додека властите и опозицијата си префрлаат вина за трагедијата, повредените секојдневно се соочуваат со болка и несигурност, без доволна медицинска поддршка.

„Не ни треба политика, ни треба грижа. Ни треба надеж“, порачува Игор.

Стоименов има тешки изгореници – третостепени на левата рака со трансплантирана кожа, второстепени на левиот бицепс и пресадена кожа на десната рака до лактот. Поради повредите, не смее речиси цела година да се изложува на сонце.

Тој веќе неколку пати алармира дека е неопходно итно зајакнување на капацитетите во болницата во Кочани, бидејќи процесот на рехабилитација е долг и бара постојана медицинска грижа. Апелот на Игор е јасен – да се тргне фокусот од камерите и политичките пресметки, и да се покаже човечност и солидарност токму тогаш кога е најпотребна.

Слични содржини