Австриската јавност е длабоко вознемирена по уште еден вознемирувачки инцидент, само неколку дена по трагедијата во Грац, каде што млад човек уби десет лица и потоа си го одзеде животот.
Овојпат, случајот доаѓа од Виена, каде што дванаесетгодишно момче, ученик во основно училиште, наводно составило „список на убиства“ и го објавило на платформата ТикТок. Според австрискиот весник „Хојте“, момчето јавно споделило детали за тоа што планирал да им направи на своите соученици – по име и презиме.
Особено вознемирувачки се содржините што ги напишал – според извештаите, тој планирал сексуално насилство врз девојчиња од неговиот клас, по што следувало убиство со нож. Во објавата биле опишани конкретни сценарија – киднапирање со комбе, мачење, па дури и убиства на изолирана локација покрај Дунав.
Откако родителите на неколку ученици ја забележале оваа заканувачка објава, веднаш ја алармирале полицијата. Надлежните органи реагирале итно и го повикале момчето на сослушување. Тој, сепак, негирал каква било поврзаност со профилот, тврдејќи дека се работи за лажна објава од туѓ профил.
Една од потенцијалните жртви, спомената во списокот, изјавила дека е во шок и дека момчето често се однесувало чудно и непредвидливо. Според извори блиски до истрагата, ова не е првпат момчето да упатува сериозни закани – и претходно биле забележани вербални испади. Во моментов е во тек истрага, а надлежните институции работат на утврдување на фактите и на тоа дали се потребни понатамошни безбедносни мерки за училиштето.