Јапонската пејачка Ајуми Хамасаки одговори на гласините дека има дете со Илон Маск. Гласините се појавија откако писателката Ешли Сент Клер, мајката на 14-тото дете на Маск, изјави дека има дете со јапонската ѕвезда. Обожавателите брзо почнаа да шпекулираат дека станува збор за Хамасаки.
„Го следам ова и мислам дека е време да проговорам. Илон Маск не е татко на ниту едно од моите деца“, напиша таа на Инстаграм стори, објави „Токио Викендер“.
Хамасаки, патем, има два сина со двајца мажи и никогаш не ги открила идентитетите на нивните татковци.
Ајуми се изнасмеа на гласините и призна дека тоа е нешто што може да го направи.
„Дури и мајка ми се насмеа кога ги слушна гласините и рече: „Изгледа дека ова е нешто што би го направила ти“, а да бев некој друг, веројатно би рекла: „Ају е поп-ѕвездата за која зборуваше, нели?“ Но, тоа едноставно не е вистина. Ако го оставам настрана мојот личен имиџ, кога моите деца ќе бидат доволно возрасни за да почнат да бараат работи на Google, не сакам да наидат на гласините и да мислат дека се вистинити, па затоа цврсто ги негирам“, додаде Хамасаки, која е најпродаваната соло уметница во Јапонија.
Таа има продадено повеќе од 50 милиони албуми во текот на својата кариера и е наречена „Кралица на попот“ низ цела Азија.
Во пораките што ги доби „Волстрит журнал“, Маск ѝ пишал на Ешли во 2023 година дека ќе се сретне со „јапонски претставници“ за да стане донатор на сперма за позната жена од Јапонија. „Се чинеше дека сè е само алтруизам од негова страна и тој генерално веруваше дека овие луѓе само треба да имаат деца“, рече Сент Клер.
„Тие сакаат да бидам донатор на сперма. Никаква романса или нешто друго, само сперма“, напишал Маск во пораката.
Потоа ѝ кажал дека се согласил да ја донира својата сперма на непозната жена.