Граѓанската иницијатива „Кој е Следен?“ и оваа сабота, на 14 јуни, организира превоз за сите кои сакаат да дадат поддршка на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани. Протестот, симболично наречен „Марш на ангелите“, ќе се одржи на Плоштадот на револуцијата во Кочани, со почеток во 19:05 часот. Собирот за поаѓање кон Кочани е закажан за 16:00 часот на паркингот пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, а возилата ќе тргнат половина час подоцна, во 16:30.
Од иницијативата упатуваат повик до сите граѓани кои сакаат да присуствуваат – дали им е потребен превоз или имаат слободно место во сопствено возило – да се пријават преку формуларот објавен на нивните социјални мрежи: https://forms.gle/KpBD3LLZm9cRVHzq7
Во најавата за протестот стои дека ова не е еднодневна борба, туку континуирана заложба за правда. „Ќе излеземе на улица оваа, следната, и секоја наредна сабота, сè додека болката не се претвори во одговорност. Сè додека институциите не понудат вистинска поддршка – здравствена, финансиска и правна – на сите погодени.“
Во фокусот на маршот се барањата на семејствата за институционална реакција, социјална помош и одговорност од сите надлежни што, како што велат, со години го игнорираат страдањето на обичниот човек. Од „Кој е Следен?“ велат: „Семејствата молат за правда, а властите возвраќаат со обвинувања. Ова не е политички марш – ова е човечки повик за совест. Прашањето е: на која страна си ТИ?“
Организаторите потсетуваат и дека постојат и други начини за помош. Донирање, информирање, споделување на вистината – секој глас, велат, е важен.
„Системот заборава, но ние не. И нема да престанеме – сè додека не се слушне гласот на неправдата.“