Иран започна голема одмазда: Ракети и дронови кон Тел Авив, Израел под тревога

од Марта Пешевска
26 прегледи

Иран вечерва започна напад врз Израел, испалувајќи голем број ракети и беспилотни летала, потврдија и ирански и израелски извори. Според информациите на иранските државни медиуми, биле лансирани околу 150 ракети, а израелската војска потврди дека нападот доаѓа директно од територијата на Иран.

Тел Авив е меѓу целите, а сирените за воздушна опасност се огласија низ целата земја. Израелските власти ги повикаа граѓаните итно да се засолнат и да останат во заштитени простории сè додека не добијат нови инструкции.

„Нашите одбранбени системи се активирани и работат на пресретнување на заканите. Апелираме сите граѓани да останат во засолништата. Излегување е дозволено само по официјална дозвола“, соопштија од Израелската армија.

Израелскиот телевизиски канал 15 објави дека предупредувањата стигнале веднаш откако биле детектирани 100 балистички ракети подготвени за лансирање од Иран.

Во меѓувреме, и американските и британските сили веднаш реагираа. Борбени авиони полетаа од базата Ал Удеид во Катар и од Кипар, со цел да ги пресретнат ракетите. Според извори, американски авиони веќе пресретнуваат ракети над сириска територија. Саудиска Арабија, пак, распореди свои авиони за заштита од евентуални напади кои би доаѓале од Јемен.

Целиот Израел е во воздушна тревога, а ситуацијата се следи со зголемена будност. Израелската и меѓународната одбрана се мобилизирани со една цел – спречување на голем вооружен судир со несогледливи последици.

Слични содржини