Извршниот директор на Renault неочекувано поднесе оставка

од Vladimir Zorba
16 прегледи

Групацијата Renault разгледува опции за нов извршен директор по изненадувачката одлука на Лука де Мео да се повлече по пет многу успешни години на чело на францускиот бренд.

Откако беше клучен фактор во успехот и подемот на SEAT, тој пристигна во Renault во јули 2020 година. Во тоа време, францускиот бренд се соочуваше со големи предизвици, вклучително и рекордна нето загуба од 7,3 милијарди евра во првата половина од годината.

Сепак, Де Мео успеа да го оживее Renault со фокусирање на производи со поголема маржа и намалување на времето за развој на автомобили. Неговиот план за пресврт „Renaulution“ ги постави темелите за обновена моделска линија која се фокусира на теренци, а воедно го намали фокусот на моделите со послаба продажба. Можеби најголемата работа што ја направи де Мео е оживувањето на Renault 5, кој сега пристигна како електричен градски автомобил и направи вистински земјотрес на пазарот. Со новиот R5, се покажа дека во услови на слаб одзив на електричните автомобили, играњето со емоциите, ретро дизајнот и технологијата што е прилагодена на намената можат целосно да го променат расположението и одзивот на клиентите.

По R5 набрзо следеше кросовер алтернатива во форма на Renault 4, а Twingo треба да се врати следната година, што ги следи темелите на дизајнот и концептот на мега-успешната прва генерација на ова супермини.

Напорите на Де Мео во закрепнувањето на Renault вклучуваат и зајакнување на Dacia во Европа со воведувањето на Bigster SUV, а се очекува да се појави нискобуџетен електричен модел, кој ќе се произведува во Европа, во 2026 година, кој треба да го замени Spring.

Де Мео ја напушта водечката позиција во Renault за нова улога надвор од автомобилската индустрија, а Le Figaro објавува дека тој ќе стане нов извршен директор на Kering. Француската мултинационална холдинг компанија е специјализирана за луксузни стоки и поседува брендови како Gucci, Balenciaga и Yves Saint Laurent.

Управниот одбор на групацијата Renault сега бара наследник, а последниот ден на функцијата на Де Мео е закажан за 15 јули. Овој 58-годишен италијански извршен директор си заминува горд на своите достигнувања водејќи ја компанијата со дијамантско лого.

„Доаѓа момент во животот кога човек знае дека работата е завршена. Во групацијата „Renault“, се соочивме со огромни предизвици за помалку од пет години! Постигнавме она што многумина го сметаа за невозможно. Денес, резултатите зборуваат сами за себе: тие се најдобрите во нашата историја.“, велат оттаму.