Американски претседател Доналд Трамп на прес-конференција за време на самитот на Г7 во Канада изјави дека Иран сака да ги намали тензиите во конфликтот со Израел, но дека можеби е предоцна за преговори.
Кога новинарите го прашаа дали видел или добил пораки преку посредници дека Иран сака да ја деескалира ситуацијата, Трамп одговори: „Да, тие сакаат да разговараат, но требаше да го сторат тоа порано. Иран не ја добива оваа војна.“
Трамп се појави пред печатот заедно со канадскиот премиер Марк Карни. Во своето обраќање, тој рече дека Иран покажува интерес за преговори и смирување на конфликтот со Израел, кој го опиша како „болен за двете страни“. „Треба да почнеме да разговараме сега, пред да биде предоцна“, рече Трамп.
На прашањето што би било повод за вмешаност на американската војска, Трамп одговори остро: „Не сакам да зборувам за тоа.“