Интервју со Андонов: Доколку цените се движат над 100 долари за барел нафта неколку месеци, дефинитивно светот ќе се движи повторно кон рецесија

Владата во секој момент во зависност од сериозноста на состојбата и цената на нафтата на светските берзи може да донесе и одлука за привремено намалување на дел од акцизата и данокот на додадена вредност со цел да се спречи зголемување на инфлацијата, вели за „Локално“ поранешниот советник за енергетика на претседателот на Владата

од Nikola Popovski
395 прегледи

Сериозна ставка во формирањето на крајната цена на нафтените деривати е акцизата како и данокот на додадена вредност, така да Владата во секој момент во зависност од сериознота на состојбата и цената на нафтата на светските берзи може да донесе и одлука за привремено намалување на дел од акцизата и данокот на додадена вредност со цел да се спречи зголемување на инфлацијата, вели во интервју за „Локално“, енергетскиот консултант и поранешен советник за енергетика на претседателот на Владата, Виктор Андонов за тоа како Македонија треба да се однесува во ситуација кога новиот конфликт на Блискиот Исток влијае на светскиот пазар на нафта и порастот на цените на горивата.

Според Андонов, клучен елемент е и одржувањето на добрососедски односи, бидејќи, вели, мораме да бидеме свесни дека рутите на снабдување на Македонија со нафтени деривати и природен гас се преку Грција и Бугарија, а сведоци сме дека во минатото, сите земји за да ги намалат негативните ефекти од нарушувањето на снабдувањето со енергија, донесуваат одлуки за забрана за извоз на енергија и енергенти.

-Експертите веќе пресметаа дека оваа трговија, која се одвива по морските патишта годишно изнесува околу 600 милијарди долари во трговија со енергенти, така да со сигурност можеме да заклучиме дека глобалната економија би била во големи проблеми, меѓутоа како што кажав очекувам големите сили да најдат решение за овој моментален предизвик, вели консултантот околу стравувањата дека Иран може да го нападне бродскиот сообраќај во Ормутскиот теснец, низ кој минуваат речиси 20 милиони барели нафта секој ден.

Соговорникот е дециден дека европската економија се уште е кревка и недоволно закрепната од војната во Украина, така да овој конфликт помеѓу Израел и Иран дополнително ќе ја влоши таа кревка економија и не само поврзано со цената на нафтата туку поврзано и со цената на природниот гас кој се користи во индустриските процеси во Германија како една од водечките сили во Европа.

Аналитичари предвидуваат зголемување на цените на нафтата подоцна оваа година поради „затегнатиот“ пазар предизвикан од војната меѓу Иран и Израел. Други се загрижени дека економската неизвесност и крајот на доброволните намалувања на производството од страна на ОПЕК+ би можеле да доведат до зголемување на залихите и пад на цените. Какво е вашето мислење, каков ефект ќе предизвика конфликтот на светскиот пазар на нафта?

-Врз основа на искуството во минатото, посебно со почетокот на војната во Украина во 2022 година, можеме да заклучиме дека голема е веројатноста да се појави скок на цените на суровата нафта и нафтените деривати на светските берзи, мислам дека веќе и се појави зголемување особено во последните три четири дена, каде суровата нафта се зголеми за повеќе од 10%. Затоа од пред некој ден кај нас и Регулаторната комисија, веќе ја донесе првата вонредна одлука со која се се зголеми цената на дизел горивото и екстра лесното гориво. Она што е исто така важно е дека и цената на природниот гас на европските берзи порасна за над 20% што секако ќе се одрази на економијата во Европа но и во Азија.

Цената на гасот е поврзана со цената на електричната енергија на берзите, меѓутоа поради летниот период и големите количини на електрична енергија од обновливите извори, посебно од фотонапонските електрани во Европа и кај нас, мислам дека ќе придонесе да краткорочно немаме скок и на цената на електричната енергија.

Се сеќаваме дека поради војната во Украина, која да не заборавиме сеуште трае, се случи и најголемата енергетска криза во која цените на енергенсите уриваа рекорди кај нас и во Европа, така да во текот на летото неизвесноста од нови поскапувања ќе продолжи.

Европската Унија, ОПЕК и големите сили имаат искуство и механизми како да се справат со растечкиот тренд на цените, и се надевам дека навремено ќе превземат мерки, како пред се би ги заштитиле своите граѓани и огромните индустрии кои се зависни и од нафтените деривати а и од природниот гас.

Со години се стравува дека Иран ќе го нападне бродскиот сообраќај во Ормутскиот теснец, низ кој минуваат речиси 20 милиони барели нафта секој ден. Доколку се прекине толку многу проток на нафта, дали глобалната економија би била во сериозни проблеми?

-Ормутскиот теснец е едно од најстратешките места во Светот, низ кој како што кажавте дневно поминуваат околу 20 милиони барели на нафта и нафтени продукти, (30% од вкупната светска поморска трговија со нафтени деривати) но и околу 300 милиони нормални кубни метри LNG на ден (што е 20% од вкупната светска трговија со LNG) колку за споредба Македонија годишно троши околу 450 милиони нормални кубни метри на LNG. Од оваа количина на LNG над 80% оди кон пазарите во Азија, додека околу 20% кон Европа, затоа и во одговорот на првото прашање потенцирав дека и економијата во Азискиот континент ќе биде во неизвесност. Интересно е да се забележи дека најголем извозник на нафта преку овој теснец е Саудиска Арабија, додека најголем извозник на LNG е Катар.

Експертите веќе пресметаа дека оваа трговија, која се одвива по морските патишта годишно изнесува околу 600 милијарди долари во трговија со енергенти, така да со сигурност можеме да заклучиме дека глобалната економија би била во големи проблеми, меѓутоа како што кажав очекувам големите сили да најдат решение за овој моментален предизвик, а се разбира се ќе зависи и од тоа во која фаза ќе дојде оваа меѓусебна конфронтација помеѓу Израел и Иран, како и која од големите сили ќе се вклучи во истата и времетраењето на истата. Никој не посакува понатамошна ескалација од големи размери.

И во минатите години, одредени компании го заобиколуваа овој теснец поради заканите од Иран, но ова доведува до зголемени трошоци за транспорт кој на крајот на денот ги зголемуваат трошоците на производите.

Заканата од продолжен период на високи цени е секако реална, очекувате ли цена од над 100 долари за барел нафта?

-Веднаш по започнувањето на војната во Украина, цената на суровата нафта достигна и до 126 долари за барел, што значи дека може да очекуваме и сега дека ќе се случи истото, неблагодарно е да се прогнозира, но имајќи го во предвид стратешкото значење на Ормутскиот теснец, посебно во трговијата со нафта и нафтените деривати се плашам дека цената можеби и ќе ја надмине оваа граница која била највисока во последните пет години.

Ако земеме во предвид дека најголемата компонента при формирањето на цената на дизелот и нафтените деривати е токму цената на суровата нафта, можеме да заклучиме дека ризикот од поскапувања на дизелот и нафтените деривати е висок.

Некои ги посочуваат националните резерви на нафта како осигурување од големи прекини во снабдувањето. Дали залихите би можеле да ја влошат кризата и да ги зголемат цените дури и кога залихите се стабилни?

Националните резерви на нафта се креирани токму како некој вид на осигурување од големи прекини во снабдувањето и тие овозможуваат пристап до нафта во итни ситуации, како што имаме сега геополитички конфликт кој може сериозно да влијае врз трговијата со нафта и нафтени продукти. Генералниот концепт на резервите е да ја стабилизираат цената на пазарите со нафтени деривати и да се заштити економијата.

Меѓутоа, постои и спротивното мислење дека користењето на нафта од нафтените резерви, може да ја влоши кризата и да се зголемат цените. Токму поради ова потребно е да се подготвуваат сериозни анализи пред да се донесуваат такви мерки, претпазливо да се донесуваат одлуки и се разбира потребна е голема транспарентност во процесот на донесување на одлуки. Бидејќи во пазарната економија, шпекулациите можат да испратат погрешен сигнал до пазарот, дека станува збор за сериозна ситуација и тогаш од паника, може да имаме нереално зголемување на цените од страна на трговците. Исто така, прераното активирање на резервите може да ја намали довербата и долгорочната стабилност. Токму поради ова треба да се донесуваат сериозни стратегии за развој на енергетиката, во кои енергетската безбедност ќе биде клучен елемент. Доколку имаме сериозен пристап кон енергетската безбедност, на среден и долг рок тоа секогаш ќе се исплати.

Дури и ако залихите останат непроменети поради израелско-иранскиот конфликт, очекувате ли пазарот да биде во состојба на изразено „повлекување“, со високи цени на краток рок? 

-Како што напоменав погоре, со почетокот на војната во Украина имавме зголемување на цената на суровата нафта кое траеше неколку месеци, за потоа цената да се стабилизира. Ова е од причини што, во услови на геополитичките тензии, односно војни, сите се загрижени за достапноста на нафтата и трговците се подготвени да платат и повисоки цени за да добијат моментална и брза испорака, бидејќи не се сигурни дали во иднина ќе се наруши стабилноста на снабдувањето со нафта.

Имајќи ја во предвид стратешката позиција на Ормутскиот теснец, посебно во поглед на трговијата со нафта, очекувано е да имаме високи цени на краток рок, во следните неколку месеци, додека на подолг рок, ќе зависи од времетрањето на конфликтот како и дали истиот ќе премине во глобална криза со вклученост на некои од големите сили кои имаат имаат свои интереси во тој дел од Светот.

Зголемувањето на цените на нафтата би можело да претставува повеќе од само економски удар. По ваше мислење, дали неколку месеци со цени над 100 долари за барел нафта би можеле да го турнат светот во рецесија?

Мое мислење е дека Европската економија сеуште е кревка и недоволно закрепната од војната во Украина, така да овој конфликт помеѓу Израел и Иран дополнително ќе ја влоши таа кревка економија, и не само поврзано со цената на нафтата туку поврзано и со цената на природниот гас кој се користи во индустриските процеси во Германија како една од водечките сили во Европа, меѓутоа и сите останати ќе бидат засегнати.

Многу е веројатно дека доколку цените се движат над 100 долари неколку месеци или еве да кажеме до крајот на 2025 година дефинитивно светот ќе се движи повторно кон рецесија. И доколку историски се вратиме наназад, големите скокови со цената на нафтата временски се поклопувале со забавување на економиите и нивна рецесија. Примери се големата нафтена криза во 1970-ти години на минатиот век, како и кризата во 2008 година, на која и претходеа цени на нафтата и од 150 долари за барел.

Буквално сите бизниси се поврзани со нафтата, така да можат да се појават зголемувања токму во трошоците за производство, транспортни трошоци, ова значи дека ќе се зголемат крајните производи и услугите, и се разбира централните банки се очекува да ги зголемат и каматните стапки.

Бидејќи во светот имаме големи нееднаквости, се очекува поголеми проблеми да имаат земјите кои се увозници и тие да бидат најранливи, додека земјите кои имаат сопствено произодство на нафта и се големи извозници, дури и да заработат сериозни суми поради повисоките цени на нафтата.

Како да се однесува Македонија во ваква ситуација?

-Македонија е увозно зависна од нафта и нафтени деривати, бидејќи ние немаме наоѓалишта на нафта и целокупните потреби се увезуваат, што значи дека при евентуални ценовни скокови кои доколку би траеле подолг период, сериозно ќе и наштетат на нашата економија.

Согласно обврските од ЕУ-директивите поврзани со резервите на нафтените деривати, Македонија како и останатите земји од Западен Балкан имаат обврска да чуваат залихи на нафтени деривати во износ од најмалку 90 дена од просечниот дневен увоз, или 61 ден од просечната дневна потрошувачка, во зависност од тоа која вредност е поголема. Владата токму за тоа ја формираше и Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА која се финансира токму од процент од секој продаден литар на нафтен дериват.

Немам точна информација, колкави се залихите на нафтени деривати во моментот а тоа е многу значајно и добар потег ќе биде Агенцијата веднаш да набави одредена количина на нафтени деривати, како би се зголемил маневарскиот простор на Владата, доколку дојде до поголеми прекини во снабдувањето со нафтени деривати.

Сериозна ставка во формирањето на крајната цена на нафтените деривати е акцизата како и данокот на додадена вредност, така да Владата во секој момент во зависност од сериозноста на состојбата и цената на нафтата на светските берзи може да донесе и одлука за привремено намалување на дел од акцизата и данокот на додадена вредност со цел да се спречи зголемување на инфлацијата. Во делот на фискалните мерки клучна ќе биде Народната Банка која треба да обезбеди стабилност на економијата.

Во делот на енергетиката и сигурноста во снабдувањето, најважен елемент е диверсификацијата на изворите на снабдувањето, односно повеќе извори и можности за снабдување со нафтени деривати и природен гас оди во прилог на граѓаните и заштита на стандардот. Во делот на природниот гас, досега имавме целосна зависност само од рускиот гас, меѓутоа веќе е направена диверсификација со можност на добивање на природен гас и од Азербејџан преку врската со Бугарија и од LNG Терминалот во Александропулис преку кој можеме да донесеме гас од секој дел од светот, без да се наруши снабдувањето предизвикано на одредени места во Светот поради воени конфликти.

Клучен елемент според мене е и одржувањето на добрососедски односи, бидејќи мораме да бидеме свесни дека рутите на снабдување на Македонија со нафтени деривати и природен гас се преку Грција и Бугарија а сведоци сме дека во минатото, сите земји за да ги намалат негативните ефекти од нарушувањето на снабдувањето со енергија, донесуваат одлуки за забрана за извоз на енергија и енергенти. Е сега замислете ние од Грција увезуваме и мазут и над 80% од нафтените деривати и јаглен за производство на електрична енргија и тие да донесат таква непопуларана одлука а дополнително Бугарија да забрани извоз на природен гас, претпоставувам дека тоа за нас ќе биде еднакво на катаклизма. Мораме уште сега засилено да се координираме со нашите соседи во делот на развивање на резервни планови како би се одржала сигурноста во снабдувањето со енергија. Овде морам да потенцирам дека во текот на летото 2022 година се најавуваа прекини на снабдувањето со природен гас од Русија кон нашиот регион и Грција и Бугарија во своите национални мерки предвидуваа такви одлуки за забрана на извоз на енергија и енергенти, меѓутоа на иницијатива на тогашната Влада како и на претседателот Пендаровски, одржавме состаноци со премиерите и на Грција и на Бугарија, како и со претседателот на Бугарија и можам да кажам дека едно од нивните ветувања кон нас беше токму тоа, дека ако се воведат забрани за извоз на енергенти на нивно национално ниво, тие нема да важат за Македонија и на крај тоа не се ни случи. Меѓутоа таквите средби и делувања кај граѓаните и кај индустријата беше прифатено позитивно со цел одржување на стабилноста на економијата.

Мораме да ја научиме лекцијата од оваа моментална криза и кризата во Украина, дека на крајот на денот, истите се поврзани токму со нарушување на синџирите на снабдување со фосилни горива, како што се нафтените деривати и природен гас, инфлации и зголемување на сиромаштијата и следствено на тоа државата треба да превземе мерки со кои на среден рок и долг рок целосно или делумно ќе ја намали таа увозна зависност од фосилни горива, во кои спаѓа и јагленот од кои стануваме зависни во производството на електрична енергија.

Потребно е со засилени мерки, да се продолжи енергетската транзиција и засилено инвестирање во обновливи извори на енергија, фотонапонски централи со батериски системи за складирање на енергијата, ветерни централи, хибридни центали, електрификација на транспортот, изградба на хидроцентрали, бидејќи на тој начин можеме сериозно да ја намалиме зависноста од фосилни горива, како што се нафтата, природниот гас и јагленот. Имаме идеални услови за чист развој и декарбонизација на целата економија и истото мораме навремено да го искористиме, бидејќи само на тој начин нашата економија ќе биде отпорна на ваквите глобални конфликти.

В.З.

Слични содржини