По прес-конференцијата на СДСМ, во која обвинија дека несоодветна фирма добила тендер за технолошко чистење во РЕК Битола, оттаму демантираат.
„Во врска со континуираните дрски и лажни обвинувања од СДСМ – уништувачите на македонскиот енергетски систем, ја информираме јавноста дека Техно Коп Плус ДООЕЛ Битола е избрана за компанија за технолошко чистење, откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик. Овој понудувач, понудил за 30% пониска цена од досегашната договорна. Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка. Договорот ќе биде склучен по истекот на овој период. Во однос на испадот на Блок 2 од мрежата, сакаме повторно да нагласиме дека немаше хаварија туку извесно е дека ни се случи саботажа. Целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции“, пишува во реакцијата.
Во меѓувреме, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, АД ЕСМ презема проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања.
„Се вложуваат максимални напори за повторно ставање во функција на Блок 2 и Блок 3. И двата ќе бидат за многу кратко време спремни за синхронизација на мрежата а кој од нив ќе влезе, ќе одлучи раководството на РЕК Битола. Во овој период заради обемот на конзумот, нема потреба да “возиме” со 2 блока. Во меѓувреме снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕ Осломеј, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на ел. енергија преку МЕМО“, се додава во реакцијата.