Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој е дел од парламентарната група на ЕНП во Европскиот парламент, повторно говореше за вчерашното усвојување на Предлог-извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ. Во интервју за бугарските медиуми, Ковачев повторно се пожали дека премиерот Христијан Мицкоски постојано се појавувал во македонските медиуми и кажувал дека разговарал со луѓе во Брисел, дека е задоволен од работата со известувачот Томас Вајц и дека знае нацрт-текстови што не треба да бидат јавни, што значи дека, според европратеникот, премиерот добива информации.
-Прашањето е од каде – дали е од пратеник или од некој вработен? Тоа е едната страна на работите. Другата страна е вашите гледачи или читатели да ја разберат постапката. Извештајот беше усвоен само Комисијата за надворешни работи. Овој извештај оди на пленарна седница.
Она што го кажа Мицкоски не е вистина дека Европскиот парламент ќе го признае „вековниот македонски јазик и идентитет“. Не постои такво нешто, а ако треба да употребиме други зборови, Мицкоски едноставно не ја кажува вистината и такво нешто не беше усвоено во ниту еден текст. Но, за да бидеме уште појасни – Европската народна партија, европските социјалисти, Зелените и либералите повторно ќе ги поднесат овие амандмани. Предлогот за јасен и недвосмислен текст треба да биде доставен во писмена форма, вели Ковачев во интервју за БГНЕС.
Според неговиот детален опис, вчера на 24 јуни, во Комисијата за надворешни работи при ЕП, еден европратеник од Португалија, еден Чех, еден Австриец и тројца Унгарци од Фидес, партијата на Виктор Орбан, се спротивставија на гласањето за амандманот „модерен“ пред македонски јазик и идентитет.
-Веќе ќе ја завршевме оваа работа, но бидејќи Орбан интервенираше и ги замоли своите европратеници да му помогнат на Мицкоски против предлогот на ЕНП, каде што наводно припаѓа Мицкоски, ќе мора да почекаме уште две недели за ова да се случи на пленарна седница. Тој вели дека во текот на овие две недели ќе работи напорно за да го спречи ова да се случи, што повторно е еден вид притисок врз колегите. Од Скопје се кажуваат работи што не се вистинити. Нема таков пакет каков што зборува Мицкоски „вие го признавате нашиот вековен македонски идентитет и јазик, а потоа ние ќе ги вклучиме овие неколку стотици Бугари во Уставот и тоа само во преамбулата“. Мицкоски нема да добие „бомбона“ (од ЕУ) додека ги омаловажува Бугарите. Многу е тажно што одлучи да оди во оваа насока, порачал Ковачев меѓу другото.