По обвинувањата од директорот на СОЗР, Ивица Томовски дека дел од министрите од претходната Влада трошеле недомаќински и правеле енормни трошоци на товар на државниот буџет, а во тоа предничел Бојан Маричиќ, вчера реагираше и самиот поранешен вицепремиер за европски прашања. Како што изјави, „не можам да разберам бидејќи неколку пати се повторува тоа од директорот на СОЗР“.
-Претпоставувам дека е поврзано со трошоците за скринингот и патувањата. Од септември 2022 до крајот на 2023 година, имавме интензивна агенда на патувања во Брисел, но и заради сите процеси таму. Мојата теза отсекогаш била дека ако сакате да имате влијанија, морате да бидете присутни. Јас не забележив дека актуелната Влада патува помалку од минатата – исто така се присутни на сите настани и секаде каде што треба. Ништо повеќе од она што било законски утврдено. (За летањето до Ниш) Тоа беше една конкретна ситуација кога требаше во ист ден седница да имаат Комисијата за уставните амандмани во Скопје, а во Ниш требаше да потпишеме Договор за прекугранична соработка. На крајот јас отидов со кола во Србија и не бев тука присутен на средбата. Тоа беше само испитување на можноста, кажа Маричиќ во емисијата „Само интервју“.
Томовски пред неколку дена рече дека „прв пример ни е Маричиќ, секојдневно го слушаме, најголемиот потрошувач“. Тој дополни дека Обвинителството сè уште не презело доволно конкретни мерки, иако, како што вели, дел од случаите веќе подолго време се предмет на интерес на институциите.