Невреме проследено со силен ветер и грмотевици го зафати Скопје

од Milan1
85 прегледи

Невреме проследено со силен ветер и грмотевици го зафати Скопје и околината во доцните попладневни часови. Граѓаните од повеќе делови на градот пријавуваат грмотевици, засилен ветер и локален дожд со слаб до умерен интензитет.

На социјалните мрежи веќе кружат видеа и фотографии, а меѓу нив и снимка од паднато дрво на автопатот Скопје – Тетово. Засега нема информации за повредени или поголеми материјални штети.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредуваат дека врз Македонија се движи нестабилна воздушна маса, особено над западниот и централниот дел на земјата.

– Се забележуваат области со интензивни врнежи западно од Скопје, кон Тетово и Гостивар, што укажува на присуство на активна конвективна облачност со силен дожд, а можеби и град – соопштија од УХМР.

Радарската слика покажува интензивна атмосферска активност, со присуство на силни врнежи, грмежи и можна појава на град.

Граѓаните се повикуваат на претпазливост, особено при движење на отворено и во близина на дрвја, билборди и слични конструкции.