„Се бележи умерен раст на цените во малопродажба, особено кај производите со најголем обрт, каде што зголемувањето се движи од 3 до 5 проценти. Кај производите за лична хигиена, бебешка храна и пелени, зголемувањето е поизразено и достигнува од 10 до 20 проценти. Од друга страна, кај свежиот зеленчук и овошје има драстично намалување на цените – од 20 па сè до 100 проценти“, изјави Стојкоски на прес-конференцијата во Владата.
Според него, ДПИ спровел сеопфатна анализа пред десетина дена, базирана на теренски контроли кај над 100 субјекти и повеќе од 1.000 продажни места ширум земјата. Резултатите од оваа анализа се веќе доставени до Министерството за економија и труд.
„Станува збор за обемна и детална анализа која е сега во надлежност на Министерството за економија. Очекуваме од таму да следуваат конкретни заклучоци и предлози“, додаде директорот на ДПИ.
Оваа состојба доаѓа како директна последица од укинувањето на владините антикризни мерки, чија цел беше да се ублажат инфлаторните притисоци врз граѓаните. Институциите сега се на потег да оценат дали постојните трендови бараат нова интервенција или ќе се стабилизираат по природен пат.