Атанасоски: Политиката дека ЕУ треба да ги смени своите ставови или во Софија ќе дојде политичка елита која ќе го смени наративот кон Македонија е само мантра која ќе не втурне во ново статус-кво

Кос ќе ја повтори суровата реалност дека прво треба да ги внесеме Бугарите во Уставот, а од наша страна ќе бидат повторени ставовите дека под овие услови не прифаќаме членство во ЕУ - вели аналитичарот Атанасоски за „Локално“

од Nikola Popovski
382 прегледи

Дали нешто ново носат од Брисел во своите актовки за македонските евроинтеграции. Ова е дилемата откако еврокомесарката за соседска политика и проширување, Марта Кос денеска доаѓа во Скопје. Ќе присуствува на лидерската средба ЕУ – Западен Балкан што ќе се одржи во Македонија, а е посветена на планот за раст. Како што соопшти нашата Влада, Кос и премиерот, Христијан Мицкоски ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува билатерален состанок со проширени делегации. Утре, пак, ќе има официјален пречек за лидерите од западен Балкан, по што ќе се одржат состаноците, а Мицкоски и Кос ќе имаат заедничка прес-конференција. Во фокусот на лидерската средба е планот за раст на Западен Балкан и конкретните механизми за негово спроведување.

Дел од јавноста оценува дека ништо особено нема да се случи во пресрет и по доаѓањето на Кос. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, ќе бидат испратени симболични пораки дека Унијата се уште го има фокусот врз проширувањето на земјите од Западниот Балкан, но исто така од нејзина страна ќе биде повторена суровата реалност дека прво треба да ги внесеме Бугарите во Уставот, за да ја продолжиме евроинтеграцијата.

-Од страна на нашите власти ќе бидат повторени ставовите дека „под овие услови не прифаќаме членство во ЕУ“, вели Атанасоски за „Локално“.

Благојче Атанасоски

Запрашан дали ќе успееме да ја убедиме ЕУ дека билатералните прашања треба да стојат подалеку од стратешкиот процес на проширување, соговорникот потенцира дека францускиот предлог е решение билатералните проблеми да не бидат „увезени во ЕУ“, односно во „кластерот добрососедски односи“.

-Голема заблуда и самозалажување е, да сметаме дека ЕУ ќе го смени веќе утврдениот став. Во спорот со името со нашите јужни соседи, изгубивме 2 децении, верувајќи во депласирани лаги и манипулации од нашите политички елити „дека времето работи за нас“. Во суштина времето секогаш работело против нашите интереси со ваков тип на политика, истакнува Атанасоски.

Веќе долго време се поставува прашањето дали 2030 година е достижна година за членство на земјава во европското семејство. Според аналитичарот, во оваа констелација на односите, со вакви „рововски вкопани“ ставови на официјална Софија и официјално Скопје, 2300-тата година не е достижна да влеземе во ЕУ.

-Политиката дека ЕУ треба да ги смени своите ставови или во Софија ќе дојде политичка елита која ќе го смени наративот кон Македонија, е само мантра која ќе не втурне во ново статус кво: продолжување на блокираните европерспективи, а тоа ќе значи враќање во пакет со недефинирани и полуфункционални држави од типот на Босна и Херцеговина и Косово, наместо да одиме напред со Албанија и Црна Гора, посочува Атанасоски.

Полемиката меѓу Скопје и Софија околу идентитетските прашања повторно се разгори, откако Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од европратеникот Томас Вајц. Извештајот, кој беше поддржан со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, веднаш предизвика реакции и на домашната и на бугарската политичка сцена. На прашањето дали некој заговара модерни „придавки“ и нови блокади на интеграциите, Атанасоски оценува дека одиме по острицата на бездната во нашите меѓудржавни и меѓунационални односи со источниот сосед Бугарија.

-Ако продолжиме со овој наратив, од двете страни на границата, ќе се доведеме во ситуација од која враќање назад нема, односно толку ќе бидат замрзнати и проблематизирани државните односи, што прашање е дали ќе има и протоколарни средби меѓу државниците, камо ли суштински меѓусоседски дијалог за надминување на проблемите, дециден е соговорникот.

Лани во декември, премиерот ја имаше својата прва средба со новата еврокомесарка за проширување од Словенија. „Разговаравме за стратешките интереси на Македонија во однос на проширувањето на ЕУ и подготвеноста на државата да успее на патот кон ЕУ.Ние сме подготвени да разговараме за се што ќе биде принципиелно и во полза на нашата држава и во интерес на сите граѓани“, напиша тогаш Мицкоски на Фејсбук. По гласањето на новата Европска комисија, Кос порача дека уставните измени мора да се усвојат со додавка  – ништо повеќе и ништо помалку. Тоа наиде на негативни реакции во земјава.

„Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со С.Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени“, порача на 3 јуни Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.

„Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач, ако е потребно“, додаде еврокомесарката.

Таа, меѓу другото, рече и дека Европската комисија разгледува начини за поедноставување на процедурите за пристапување во ЕУ, со цел да се избегне ризикот билатерални прашања да го забават процесот, особено во овој чувствителен геополитички контекст.

Н.П.

Слични содржини