Инцидентите во Србија продолжуваат: Во Белград утрово обид да се пробие барикадата кај Правниот факултет

од Nikola Popovski
27 прегледи

Нов инцидент во врска со блокадите во Белград поставени од студентите што протестираат е забележан утрово кај Правниот факултет на белградскиот Универзитет, јавува „n1info.rs“. Тоа е последниот од низата отстранувања на барикадите низ Белград, коишто во најголемиот дел биле успешни.

Засега неидентификувано лице се обидело да ги отстрани контејнерите за отпад и металните огради поставени како барикада на крстосницата на булеварот Крал Александар и улицата Белградска, но тие повторно се вратени на позицијата. Инцидентот се случил околу 6.15 часот утрово, во состојба на целосна блокада на наведените сообраќајници, но според n1info.rs, насобраните демонстранти, за кои се претпоставува дека се студенти, го осуетиле обидот. Граѓаните биле на позицијата цела ноќ и бргу реагирале.

Барикадите се поставени на сите четири краци на крстосницата на булеварот Крал Александар и улицата Белградска и според медиумот, уште стојат, за разлика од другите барикади низ Белград и во Земун коишто се отстранети вчеравечер и во текот на ноќта. Низ Белгад се забележува засилено пристуство на полицијата и на жандармеријата, коишто отстрануваа блокади на сообраќајниците.

Во Земун вчеравечер, полицајци со фантомки им дале две минути на граѓаните што протестираат против власта да ги отстранат блокадите, по што дошло и до мали кошкања, по што студентка се обидела да ги насочи граѓаните да се оддалечат и да се упатат кон Земјоделскиот факултет.