Изјавите на премиерот Росен Жељазков дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е фундаментално прашање и дека „… Бугарија нема да поставува никакви поинакви услови и да го претвори процесот во билатерален“, како и зборовите на нашиот министер за надворешни работи дека „немаме нови услови за европска интеграција на С. Македонија“ предизвикуваат не само збунетост, туку и сериозна загриженост, вели бугарскиот дипломат и поранешен амбасадор, Велизар Енчев запрашан како гледа на Предлог-извештајот и одлуката на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент за подготвеноста за членство на Македонија во ЕУ.
Енчев во интервју за бугарските медиуми тврди дека евентуалното вклучување на Бугарите во Уставот не е крај, туку почеток на процесот.
-Ова е само еден од условите наведени во таканаречениот „француски предлог“ и Преговарачката рамка, што означува почеток на долг и сложен процес. Тоа е неопходно, но далеку од доволно, вели тој за бугарски „Факти“.
Енчев оди дотаму што изразува оптимизам како може да дојде до „промена на текстовите во македонските учебници по историја во Македонија“.
– Зошто да не? Ова е едноставно другиот голем услов и многу важен – промената на учебниците по историја. Тука се води вистинската битка за меморијата, за фактите, за идентитетот, додава меѓу другото Енчев.
-Ако ЕУ се држи до своите принципи – владеењето на правото, човековите права и добрососедството, не може да замижува пред она што С.Македонија не го спроведува. Бидејќи дури и сега, земјата-кандидат проповеда фалсификуван национален наратив во учебниците по историја и со тоа одгледува генерации во духот на антибугарска омраза. Затоа, немаме право да се откажеме од договорните обврски што ги презеде Македонија – да ја ревидираме содржината на учебниците по историја и да се откажеме од говорот на омраза, вели поранешниот бугарски амбасадор.