При вчерашната акција на Главната дирекција „Борба со организиран криминал“ (ГДБОП) на бугарското МВР и на бугарската Државната агенција за национална сигурност (ДАНС), бил претресен и домот на актуелен пратеник во бугарскиот парламент, јави бугарската телевизија бТВ. Градското обвинителство во Софија вчера почнало истрага и нареди претреси за организирана криминална група што се занимавала со незаконско издавање бугарски државјанства во периодот од почетокот на 2021 до јуни годинава.
Во акцијата бил претресен и домот на Јавор Хајтов, од групата на Ахмед Доган. Хајтов имал заеднички консултантски бизнис со Стефан Христов, поранешниот директор на Дирекција „Миграција“ на бугарското МВР, а е адвокат и бивш заменик-министер за внатрешни работи.
Засега е непознато на која основа и со чија дозвола е извршен претрес во домот на пратеник, кој ужива пратенички имунитет, вклучително и за кривични дела. За таква истрага мора дозвола да даде парламентот, но засега нема потврда за таков чекор.
Од досега утврденото, постоела организирана шема за противзаконско доделување бугарско државјанство на странци со лажни документи за бугарско потекло.
Истрагата е почната по проверки направени од ДАНС по дојава од 4 март годинава од министерот за правда на Бугарија, Георги Георгиев. Тој побарал ДАНС да го провери работењето на Дирекцијата „Бугарско државјанство“ во Министерството за правда. Во предистражната постапка, министерството ги доставиле сите побарани информации на ДАНС.