Приведени 79 демонстранти во Србија, меѓу нив и универзитетска професорка

од desk2
27 прегледи

Вкупно 79 демонстранти се приведени во Србија вчеравечер и во текот на ноќта, кога полицијата ги разбиваше блокадите поставени во акциите на сѐ помасовната граѓанска непослушност, на која српските студенти повикаа на големиот антивладин протест во саботата. Притоа има и повредени демонстранти, јавуваат српските медиуми.

Студентите во главниот град Белград ја обвинија полицијата дека брутално се нафрлила на мирните демонстранти што седеле на раскрсницата пред Правниот факултет, како и дека со обидот да упадне на факултетот, ја нарушила автономијата на универзитетот. Српското МВР категорично ги негираше таквите обвинувања.

Во таа полициска акција биле приведени 23 лица, меѓу кои и универзитетската професорка и активистка за човекови права Биљана Стојковиќ.

Српското МВР утрово соопшти дека на терен во текот на ноќта бил проверен идентитетот на 1.297 лица, а 79 се приведени – 72 за прекршоци, а седум за кривични дела. Дополнително, во соопштението се вели дека сите блокади на територијата на Белград и на Србија се отстранети и дека сите сообраќајници се проодни.

Оливер Стојковиќ, професор на Медицинскиот факултет, вели дека четиримина тешко повредени студенти што биле приведени во интервенцијата на полицијата пред Правниот факултет биле примени на Военомедицинската академија. Еден од нив задобил скршеница на клучната коска.

Канцеларијата на ОН за човекови права ги повика вчера властите во Србија да ги почитуваат слободата на изразување и правото за мирно собирање.

Независниот синдикат на просветните работници на Србија денеска предупреди дека „режимот на претседателот на Србија Александар Вучиќ со зголемена репресија над граѓаните, притоа и врз учениците, студентите и просветните работници, го доведува во прашање почетокот на учебната година 2025/26. Синдикатот алармира дека се продолжува со апсења, а против наставниците се водат дисциплински постапки што завршуваат со откази. Според соопштението, министерот за образование прави листи за смена на директорите на училиштата што се солидарни со студентите и наставниците во текот на протестите.

Вчера покрај во Белград, се протестираше и во најголемите градови Ниш и Нови САД, но и во уште неколку десетици градови.