Присуство на крајнодесничарски пароли и рехабилитација на усташкиот режим пред стотици илјади луѓе, гледа влијателниот германски весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) во саботниот концерт на хрватскиот музичар-ултрадесничар обвинуван за „нео-усташизам“, Марко Перковиќ – Томпсон.
Под насловот „Десничарски пароли на најголемата хрватска сцена“, авторот Микаел Мартенс пишува оти концертот на Томпсон во саботата на загрепскиот Хиподром бил повеќе од музички спектакл – дека бил огледало на длабоко вкоренетите историски контроверзи и општествени поделби во Хрватска.
Најголем концерт во хрватската историја
Според организаторите, на концертот присуствувале повеќе од 500.000 луѓе, иако е можно бројката да била помала. Во секој, случај, најверојатно тоа е најголемиот концерт во хрватската историја, а авторот на ФАЦ напоменува дека, освен бесплатните настани, и еден од најголемите концерти во европската историја.
Мартенс потсетува дека најпознатата песна на Томпсон „Bojna Čavoglave“ почнува со усташкиот поздрав „За дом спремни!“, којшто бил и официјалната парола на режимот на Анте Павелиќ, сојузникот на Хитлер на Балканот во Втората светска војна (и прв човек на тогаш формираната Независна држава Хрватска).
На концертот во Загреб, наведува ФАЦ, стотици илјади луѓе одговараа со „Спремни“ на повикот на Перковиќ, нешто што Мартенс го споредува со „хрватска верзија на Хајл Хитлер!“
Во неговиот текст се наведува дека во петгодишниот режим на НДХ се убиени речиси половина милион луѓе, од кои повеќе од 300.000 Срби, но и Евреи, Муслимани, Роми и Хрвати. Повеќе од 80.000 се убиени само во концентрациониот логор Јасеновац, кој, вели Мартенс, е најголемиот логор што не го воделе Германци.
Томпсон и манипулирањето со минатото
ФАЦ потсетува и на спротивставените изјави на Томпсон за поздравот „За дом спремни“ и за неговото тврдење дека тој слоган има постари корења. Но авторот на анализата истакнува дека тој поздрав денеска не може да се издвои од фашистичкиот контекст од периодот 1941-45, исто како што, на пример, изразот „Jedem das Seine“ не може да се одвои од концентрацискиот логор Бухенвалд.
Мартенс предупредува и на загрижувачките резултати од истражувањето на загрепскиот Институт за општествени истражувања, според кој третина од младите во Хрватска веруваат дека НДХ „само ги штитела интересите на Хрватите“.
Томпсон, кој од 2019 година не дава интервјуа, одбил да одговори на прашање што мисли за Павелиќ, одговарајќи кратко „Тоа би го задржал за себе“.
Авторот на анализата на ФАЦ заклучува дека методата на Перковиќ е едноставна – да се каже некоја двосмисленост, а потоа да се тврди дека бил погрешно сфатен, или пак да негира дека го знае историскиот контекст на она што го изговара. Со тоа препушта на публиката да ја „доврши пораката“. Неговиот деловен модел е со децении истиот – користење на неговиот углед како родољубен патриот не само за заработувачка, туку и за рехабилитација на усташкиот режим.
Политичка и црковна потпора
ФАЦ ја критикува и политичката поддршка на Томпсон. Наведува дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дошол на генералната пробра и се фотографирал со пејачот, како и дека присуствувале и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и министерот за одбрана, коишто концертот го нарекоа „прослава на заедништвото и родољубието“.
Вашна улога, пишува Мартенс, има и Католичката црква – пензиониран бискуп читаше молитва на видеобим, иако самиот Перковиќ не е познат по некоја особена религиозност.
ФАЦ заклучува дека концертот на Томпсон и понатаму го поларизира хрватското општество. Додека стотици илјади луѓе го слават неговиот спој на кич, воена романтика, католицизам и историски ревизионизам, речиси подеднаков е бројот на граѓани што решително го отфрлаат.