Проф. Пајазити: Владата треба да имплементира политики како финансиска помош за семејствата или „baby bonus“ како во Сингапур

Проблем е миграцијата, тука иднината воглавно ја гледаат само граѓаните над 40-годишна возраст - вели проф. Пајазити за „Локално“ за наталитетот

од Nikola Popovski
405 прегледи

Демографски егзодус во Македонија изминативе децении. Ако продолжи ваквиот тренд, дел од руралните општини ќе останат и без население. Алармот е вклучен, велат од Владата откако пуштија „пробен балон“ за даноци за немажени и неженети, но по реакциите на јавноста се повлекоа од предлогот. Се најавуваат конкретни мерки и субвенции, но без казнувања. За дел од експертската јавност, истата слика од земјава, ја има низ речиси сите држави во светот. Универзитетскиот професор и социолог, Али Пајазити во разговор за „Локално“ истакнува дека во последните децении, многу земји ширум светот започнаа да се соочуваат со тивка и бавно движечка криза: демографскиот пад.

Според него, често нарекуван „демографска бомба со одложено дејство“, овој феномен се одликува со драстично намалување на наталитетот, стареење на населението (ageing) и масовна емиграција.

-Додека војните и природните феномени и катастрофи можат да предизвикаат непосредно уништување, демографскиот пад делува посуптилно — но неговите долгорочни последици можат да бидат исто толку разорни. Медијалниот пробен балон на премиерот Мицкоски наречен данок за сингл статус, т.е. немажени и неженети, треба да се разбере како аларм за правецот во кој се движиме демографски, за кои што зборуваат бројките (првиот квартал 2024: природниот негативен, -1.206, склучените бракови – 14%, 23.9% повеќе разводи), вели Пајазити.

Додава дека оваа „in potentia“ политика која што ја нема во ваква форма во Западниот свет (била во Советскиот Сојуз, Романија за време на Чаушеску) туку само како фаворизирање на бракот и „child-rearing“ (одгледување деца) како во САД (помали даноци за луѓето во брак), Франција, семејна квота (поголемо смејство помалку даноци), Германија, „Ehegattensplitting“ итн.

Професорот анализира дека пронаталните политики се потребни за да не бидеме субјект на песната на „ИТД Бенд“ „Лагано умирем”, за да не влеземе во категоријата нации во умирање како Јапонија, Литванија, Латвија, Србија, Украина итн.

-Но има други методи за поттикнување на наталитетот и поддржуваање на семејството и семејноста. Во денешно време ова звучи анахроно, како атак или пенализирање на начинот на живеење кои што луѓето сами го избираат. Вакви акции кај нас имало и порано како „Време е за бебе“, но динамичниот и луксузен живот не дозволува широкото семејство да биде реалистичен концепт. Традицијата се топи, а со тоа и традиционалното семејство. Сега има и млади кои одат по стапиците на „childfree movement“ (Движење без деца). Плус, проблемот на опаѓањето на бројот на жителите не се надаврзува само со бракот, туку и со миграцијата; нашата млада популација, поради многу фактори (корупцијата меѓу главните) не ја гледа иднината тука, туку надвор од земјата. Кај нас иднината тука воглавно ја гледаат само граѓаните над 40-годишна возраст, посочува Пајазити.

Според него, Владата треба да имплементира политики како финансиска помош за семејствата како што е „baby bonus“ (Сингапур), поддршка за грижа за децата, поддршка за родителството, даночни олеснувања, бенефити на домување и слично.

-Треба да има јавни кампањи за подигнување на свеста и образовните програми каде ќе се истакнат позитивните аспекти на креирање семејство и да ги охрабрат паровите да имаат повеќе деца. На пример Турција ја има прогласено 2025-та, година на семејството (за трето дете месечно 173 евра, за четврто 307 евра, заклучува соговорникот.

Според статистиките, лани се родиле околу 16 илјади новороденчиња, а починале повеќе од 20 илјади луѓе. Најчесто, иселувањето не е од економски причини, туку поради трулоста на системот и нефункционирањето на институциите. Владата најави поголема ажурност преку дигитално вмрежување. Со оваа услуга администрацијата ќе ги бара граѓаните, а не спротивни, ќе имаат рок за завршување на услугите во спротивно ќе се санкционира.

Околу 2.500 млади високообразовани луѓе годишно ја напуштаат земјава според ревизорскиот извештај. Човечкиот капитал е клучен за развојот на економијата, но земјава е во демографска рецесија.

Последниот попис покажа дека во земјата 207 населени места се празни, без ниту еден останат жител. Изгубено е население колку две или три поголеми општини во земјата. Бројот на жители од претпоследниот до последниот попис е намален за 9,2 проценти.

Н.П.