Климатските промени речиси трократно го зголемиле бројот на смртни случаи сврзани со жегата во поголемите европски градови во текот на екстремниот жежок бран од крајот на јуни до почетокот на јули, според нова студија објавена денеска. Научниците од Обединетото Кралство, Данска, Холандија и Швајцарија ги анализирале условите во 12 поголеми европски градови помеѓу 23 јуни и 2 јули.
Се проценува дека околу 2 300 луѓе умреле од причини поврзани со жегата во погоренаведениот период, а околу 2/3 од смртните случаи – отприлика 1 500 – се припишуваат на климатските промени.
Студијата на Империјал Колеџ во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, меѓу другото, ги опфатила и Барселона, Мадрид, Лондон и Милано, каде, според истражувачите, климатските промени ги зголемиле температурите на жешките бранови до 4 Целзиусови степени.
Температурите во многу градови се искачија до екстремни нивоа од 23 јуни до 2 јули, често надминувајќи 40 Целзиусови степени.
Без глобалното затоплување, за кое студијата вели дека ги покачило дневните температури во градовите за дополнителни 1 до 4 Целзиусови степени, од жегата би умреле околу 800 луѓе, односно речиси половина помалку од слученото, пресметале научниците.
За анализата, тимот ги споредил измерените температури во градовите во наведениот период со компјутерски моделирани вредности за состојба без климатските промени. Потоа ги пресметувал очекуваните бројки смртни случаи за двете сценарио.
Неодамнешниот жежок бран посебно ги погоди ранливите групи – лица со одредени здравствени состојби и постарите лица. Според новата студија, 88% од проценетите смртни случаи се во категоријата луѓе стари 65 години или повеќе.