Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов информираше дека рано утрово пожарот којшто три дена гореше во атарот на општина Чучер Сандево е целосно изгаснат. Се уште се гледа чадење на некои места, но најверојатно потекнува од трупци коишто догоруваат.
Тој извести дека денеска фокус ќе биде гасењето на пожарот во околината на Дојран, над селото Николиќ, кој што се одвива на исклучително стрмен терен.
„Денеска го користиме хеликоптерот којшто во кратки налети од 3 до 4 минути, брзо и ефикасно го погодува пожарот, кој во моментов има само еден активен крак. На лице место се пожарникарите од Гевгелија и Валандово, како и доброволното противпожарно друштво од Дојран. Моја претпоставка е дека во наредните неколку часа овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола и изгаснат“, изјави Ангелов.
Првиот човек на ДЗС кажа дека покрај овој има уште еден активен непријатен пожар, на територијата на општина Македонски Брод, над фабриката „Самоков“, кадешто денеска ќе започне со дејствување еден „ер-трактор“ на ДЗС. Верува дека со помош на авионот кој што дејствуваше вчера, и овој пожар да биде ставен под целосна контрола.