Бугарското МНР за Извештајот: Македонија не успеа да го вклучи ЕП во политичка инструментализација

од Nikola Popovski
291 прегледи

„Министерството за надворешни работи на Бугарија го зема во предвид Извештајот усвоен со убедливо мнозинство од страна на Европскиот парламент, со кој, како што велат, се избегнува вклучување на институцијата во обиди за политичка инструментализација од страна на Македонија, насочени кон заобиколување на обврските што произлегуваат од таканаречениот европски компромис од 2022 година“. Ова се наведува во ставот на бугарското МНР по изгласаниот Извештај за напредокот на земјава кон патот на полноправно членство во ЕУ.

Од Софија додаваат дека во контекст на проширувањето на Европската Унија, прашањата поврзани со идентитетот и јазикот треба да се разгледуваат во рамките на научниот и академскиот дискурс, бидејќи по својата природа не спаѓаат во опсегот на институционалната проценка на напредокот на земјите-кандидатки во однос на објективните и мерливи критериуми за пристапување.

„Со својата одлука, Европскиот парламент ја потврди својата улога како непристрасно и независно тело посветено на следење на реформскиот напредок на Република Северна Македонија. Од особена важност се наодите во областа на владеењето на правото, заштитата на основните права и слободи, функционирањето на демократските институции, спроведувањето на клучните реформи, спроведувањето на договорните обврски, како и влијанието на надворешните актери. Ова се аспектите што треба да бидат во фокусот на напорите на властите во Скопјe, доколку целта остане трајна европска интеграција“, се вели во ставот.

Бугарското МНР наведува дека Софија постојано ја поддржува европската перспектива на сите земји во регионот на Западен Балкан, врз основа на објективните критериуми за членство и со строга примена на принципот на сопствени заслуги.

„Отстапувањата од утврдената условеност, како и обидите за користење на европските институции за постигнување на краткорочни домашни политички цели, не само што го забавуваат процесот на пристапување, туку и ја поткопуваат довербата меѓу земјите во регионот. Ова има негативно влијание врз добрососедските односи, кои се хоризонтален и неповратен елемент на процесот на пристапување кон Европската Унија“, додаваат од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Претходно денес беа отстранети термините македонски јазик и идентитет во годишниот извештај на Европскиот парламент за Македонија. Тој беше усвоен со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ од вкупно 689 гласови во парламентот со 720 места на пленарната седница во Стразбур.

Слични содржини