Бугарското МНР ги осуди зборовите на Мицкоски кон Георгиев: „Со вулгарности се поткопува Договорот за добрососедство“

од Nikola Popovski
45 прегледи

Бугарското Министерство за надворешни работи излезе со остро соопштение откако бугарскиот амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков, беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија. Причината за повикот беше употребата на придавката „северномакедонски“ од страна на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во обраќањето кон премиерот Христијан Мицкоски.

Запрашан за реакција, Мицкоски вчера го нарече Георгиев „момче“, велејќи дека е „исто како кога глушец задева лав“.

Од Бугарскот МНР велат дека бугарскиот амбасадор го изразил своето изненадување од причината за неговото повикување, особено во контекст на, како што стои, низа непријателски пораки и дејствија што доаѓаа од претставници на властите во Македонија во последните месеци.

-Радуков експлицитно нагласи дека во „јавниот простор, официјалните власти на Република Северна Македонија систематски и намерно покажуваат недостаток на почит кон Бугарија.

За време на средбата, бугарскиот амбасадор ја изрази сериозната загриженост на Бугарија за голем број остри, манипулативни и честопати навредливи изјави од високи владини претставници во Македонија, насочени и кон Бугарија и кон Европската Унија, велат од Софија преку соопштение.

Министерството за надворешни работи на Бугарија категорично го осуди „неприфатливиот и навредлив јазик што го употреби Мицкоски во обраќањето до бугарскиот министер за надворешни работи“. Велат дека ваквите изјави се некомпатибилни со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство.

„Повторната употреба на вулгарни придавки кон претставниците на бугарската држава не само што ја поткопува кревката доверба меѓу двете земји, туку и ја доведува во прашање автентичната посветеност на политичкото раководство во Македонија кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година“, сметаат од ресорот на Георгиев.

Министерството за надворешни работи нагласило дека ваквите изјави „фрлаат сомнеж и врз декларираната желба за приклучување кон Европската Унија – процес што бара меѓусебно почитување, одговорност и политичка зрелост“

„Бугарија нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу земјите“, соопштило тамошното Министерството за надворешни работи.

Слични содржини