ДВ: Зошто имигрантите ја напуштат Германија?

Нова студија покажува дека високообразованите, успешните и добро интегрираните се оние што најчесто планираат да ја напуштат Германија.

од desk2
13 прегледи

Германија ветува работа и стабилен живот, но многу имигранти се чувствуваат неприфатени. Сѐ поголем број од нив се решаваат да си заминат. Нивните приказни укажуваат не само на недостатоците во политика, туку и на потребата за подлабоки општествени промени, пишува Дојче веле (ДВ).

„Сѐ она што ме донесе во Германија се загуби и во еден момент си помислив: Доста е, не сакам моите деца, ако ги имам, да растат во оваа земја“, вели Јанис Н., кој не сака да го открие своето презиме пред Дојче веле. Го напуштил својот дом на грчкиот остров Самос на 18-годишна возраст за да студира градежништво во Германија. Го привлекла репутацијата на Германија како земја на еднакви можности и социјална правда.

Во 2020 година, по 16 години и магистратура, решил да се врати во Грција. Дотогаш работел во германскиот град Есен како раководител на проекти во приватниот сектор, а потоа како градежен инженер на изградба на мостови, во јавниот сектор, пред да си ја проба среќата како фриленсер.

„Дадов сѐ од себе за да си изградам живот во Германија, но постојано наидував на пречки“, вели овој 39-годишник за ДВ.

Се потсетува на еден многу илустративен пример.

„Работев на едно градилиште, а клиентот одби да ја плати конечната сметка од преку 100 000 евра. Кога го прашав зошто, ми одговори: Нема да ти дозволам да се збогатиш тука во Германија“, се присетува Јанис.
Вели оти тоа било јасен израз на нетрпеливост кон неговото странско потекло. Клучно за неговата одлука за враќање било чувството дека никогаш не бил вистински прифатен.

Конечната одлука ја донел кога сфатил дека, без разлика колку се интегрира, секогаш ќе биде гледан како „некаков си Грк“.

„На факултет си првин мрза од Грција, а на работа корумпиран Грк. Горд сум што сум Грк! Но менталитетот што стои зад таквите коментари за мене стана токсичен“, објаснува Јанис.

Четвртина од имигрантите размислуваат да си заминат од Германија
Истите пречки со коишто се соочувал Јанис се потврдени со новата студија што ја објави Институтот за истражување на пазарот на труд (IAB). Анкетата спроведена до 50 000 мигранти на возраст помеѓу 18 и 65 години што се доселиле во Германија покажала дека еден од нив четиримина размислува да си замине. Во анкетата не биле вклучени азилантите без дозвола за престој. Анкетата е спроведена од декември 2024 до април годинава.

Таа покажува дека високообразованите, успешните и добро интегрираните се оние што најчесто планираат да ја напуштат Германија, а токму тие луѓе ѝ се најпотребни.

Според студијата на IAB, намерата да се замине е резултат на „сложена комбинација на лични и економски причини, проблеми со интеграцијата во општеството и перцепираното социјално прифаќање. Испитаниците наведувале и семејни причини, политичко незадоволство, високите даноци и бирократијата.
Во моментов, повеќе од четвртина од населението во Германија е со имигрантско потекло. Од 2015 година се доселиле уште околу 6,5 милиони луѓе, главно од Сирија и Украина.

Течното говорење на јазикот не помага секогаш
Според Бугарката Калина Великова, дури ни течното зборување на германскиот јазик не ги отстранува пречки со кои се соочуваат странците во Германија. Великова (35) живеела 9 години во Бон, каде што студирала и работела како социјална работничка. Вели дека првпат се чувствувала исклучена уште во текот на студиите, иако совршено зборувала германски.

„Никогаш нема да заборавам колку им требаше на луѓето да ме прифатат, дури и само како колешка. Еден ден разговараме, другиот ден се однесуваат како да не ме познаваат. Тоа едноставно не се случува таму од каде што доаѓаат.

Фотографија: Лични архива

Со текот на времето, чувството на социјална дистанца почнало да влијае на неа.

„Почнав да се затворам. Имав впечаток како да развивам алергија на Германија – а тоа не го сакав“, објаснува Калина.

Во 2021 година го напуштила Бон и се вратила во Софија, каде што сега работи како раководител на проекти.
„Се разбира, и тука има секојдневно предизвици. Но во целина, квалитетот на мојот живот се подобри, иако заработувам помалку и работам повеќе“, вели таа.

Германско одење по жица
За економистот Кристијан Дустман, директор на Фондација Роквул во Берлин, јазикот и понатаму е клучен фактор за интеграцијата. Тој нагласува дека учењето на германскиот јазик е клучно – не само за пазарот на трудот и работодавачите, туку и за самите мигранти.

Истовремено, Дустман смета дека чувството на непријателска средина не е резервирано само за Германија.

„Кога истото истражување ги го правеле во Велика Британија, резултатите веројатно не би биле многу поинакви“, вели тој.

Објаснува дека порастот на бројот на имигранти ја зголемува загриженоста меѓу домашното население, што може да доведе до култура која некои имигранти ја доживуваат како непријателска. Студија на Фондација Бертелсман од 2024 година покажува дека загриженоста на јавноста во поглед на имиграцијата во Германија расте. Тоа се совпаѓа со порастот на поддршката за крајнодесната партија „Алтернатива за Германија“, која на изборите во февруари годинава стана втората најсилна партија во Германија.

Многумина во Германија се сѐ позагрижени поради можните негативни последици на миграцијата: зголемени трошоци и притисок на социјалните системи, недостиг на станови во градовите, како и предизвици во образованието.

Според Дустман, „политиката мора да балансира како на жица – помеѓу тоа не го оптовари премногу домашното население, со што би се дало простор на десничарските популисти, и тоа да остане отворена кон дојденците, коишто се важен дел од економијата и од општеството.

Потребна е и културна промена
Додека политиката се обидува да воспостави рамнотежа помеѓу општествената кохезија и отвореноста, Анастасиос Пенолидис смета дека за вистинска промена е потребна и културна трансформација. Како раководител на бегалски камп којшто пред 7 години се доселил во Германија, смета дека образованието на пошироката популација е клучно за решавање на проблемот со којшто се соочуваат имигрантите.

Според него, потребно е „повеќе политичко и социјално образование, нови институции за борба против расизмот и пониски даноци за оние со пониски лични примања“. Пенолидис објаснува дека одвај врзува крај со крај, иако и тој и неговата партнерка работат целосно работно време. Исто така, ги критикува високите даночни стапки за немажените/неженетите без деца, нарекувајќи ги неправедни и демотивирачки.

Моментално и тој размислува за враќање во Грција, а како главни причини ги наведува даночната политика и структуралниот расизам.

Сепак, Пенолидис не е безнадежен. Ако дојде до забележителни промени, би сакал да остане во Германија и да формира семејство. За него таа иднина зависи не само од подобра политика, туку и од подлабока промена во начинот на којшто германското општество ги гледа и поддржува оние што ќе решат Германија да ја наречат свој дом.

Слични содржини